Европа
Холандската влада ќе лобира за прифаќање на договорот со Украина на референдум
Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ќе лобира Холанѓаните на претстојниот референдум да гласаат за јакнење на односите меѓу Европската унија и Украина, чиешто отфрлање би можело да фрли дамка на холандското претседавање со ЕУ.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди во саботата дека отфрлањето на договорот меѓу ЕУ и Украина би можело да предизвика „континентална криза“ и да оди во полза на Русија.
Иако резултатот од гласањето на холандскиот референдум кој ќе се одржи на 6-ти април, нема да биде обврзувачки, повеќето холандски партии изјавија дека ќе се чувствуваат должни да го земат предвид евентуалното „не“ на избирачите.
„На референдумот ќе гласам ‘за’. И јас и моите колеги ќе објасниме зошто тоа го правиме. Станува збор за слободната трговија…., не за пристапен договор, како што тврдат неговите противници“, изјави холандскиот премиер Марк Руте на јавната телевизија.
Антиевропскиот портал GeenStijl собра 430.000 потписи за организација на референдумот, тврдејќи дека спогодбата за придружување со Украина ќе доведе на крајот до полноправно членство на оваа земја во ЕУ. Спогодбата стапи на сила на 1-ви јануари.
Руте го отфрли предупредувањето од Јункер како претерано, иако отфрлањето би потсетило на 2005 година кога Холандија го отфрли предлогот на првиот европски устав, што предизвика повеќегодишна криза во ЕУ.
Холанѓаните се чувствителни кога станува збор за Украина, поради несреќата на авионот на летот MH17 кој е оборен во јули 2014 година над источна Украина, во којашто загинаа повеќе од стотина Холанѓани. „Уште не гледаме врска (меѓу МН17 и референдумот), но ќе видиме“, рече Руте.
Поддршката на Холанѓаните за ЕУ е сé послаба откако земјата во 1991 година стана нето уплаќач во европскиот буџет. Иако повеќето холандски партии се проевропски, во анкетите во моментов води антиевропската крајно десна Слободарска партија на Геерт Вилдерс./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.