Европа
Идентификуван автомобилот баран за убиството на Немцов
Автомобилот по кој трага руската полиција во врска со убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов, кој беше застрелан во петокот ноќта недалеку од Кремљ, припаѓа на приватна компанија ангажирана од министерството за финансии, пренесуваат во средата руските медиуми.
„Автомобилот ’форд’ за кој станува збор, не му припаѓа на министерството за финансии. Возилото е на самостојна агенција за обезбедување, која е ангажирана за министерството и за други структури“, се вели во соопштението на руското министерство за финансии.
Овој автомобил е забележан на снимките од надзорните камери на Големиот мост на реката Москва на кој малку пред полноќ во петокот беше застрелан опозицискиот политичар Борис Немцов, и според министерството за финансии кога тоа пристигнало на мостот таму веќе се наоѓало возило и припадници на полицијата.
Во средата наутро телевизијата LifeNews објави дека во рамките на големата истрага за убиството на Немцов, се трага по автомобил кој му припаѓа на министерството за финансии. Репортерите на телевизијата велат дека контактирале со возачот на автомобилот кој потврдил дека поминал крај местото на злосторството веднаш по убиството.
Портпаролот на Истражниот комитет на Руската Федерација, Владимир Маркин изјави дека истрагата се соочува со огромен број дезинформации во врска со убиството на Немцов. Според него, сé уште се работи на неколку верзии за мотивите за убиството, меѓу кои се почесто се споменува верзијата за атентат со цел да се дестабилизира политичката ситуација во Русија, верзии поврзани со финансиските активности на политичарот, лични нетрпеливости, како и опциите за радикални мотиви во врска со изјавите на Немцов околу терористичките напади во Париз од јануари и конфликтот во источна Украина, и за нарачана ликвидација.
Марки, исто така, посочи дека 23-годишната партнерка на Немцов, украинскиот модел Ана Дурицка изразила подготвеност да соработува со истрагата. Меѓутоа, истакнал дека таа не е единствениот клучен сведок, туку дека е непосреден очевидец и оти нејзините изјави се важни за разоткривање на злосторството.
Убиениот Борис Немцов и Ана Дурицка заедно се движеле по Големиот мост преку реката Москва кон станот на опозицискиот челник кога непознат напаѓач од грб испукал осум куршуми во поранешниот министер за енергетика и прв вицепремиер на руската влада до 1998 година сега пратеник, од кои четири завршиле во неговиот грб.
Немцов починал на самото место, додека Дурицка остана неповредена. Претходно во вторникот во емисијата за руската опозициска телевизија „Дожд“, Дурицка изјави дека не се сеќава најдобро на вечерта кога беше застрелан Немцов. Сепак, таа тврди дека убиецот стоел зад нив, и пукал во грбот на политичарот. Кога Немцов се струполил на тротоарот таа истрчала кон возачот на возилото за отстранување снег и самата повикала полиција која пристигнала десет минути по повикот. Што се случувало во периодот непосредно по убиството и пред доаѓањето на полицијата, девојката изјави дека не се сеќава.
Во неделата московската телевизија Центар објави видеоснимка од убиството на поранешниот вицепремиер и опозициски политичар Борис Немцов, снимена од надзорна улична камера. Снимката е многу матна, поради далечината, но укажува на тоа дека убиецот можеби ги чекал Борис Немцов токму на Големиот мост преку реката Москва недалеку од Кремљ. На снимката се гледаат Немцов и неговата партнерка како одат преку мостот. Во 23.31 часот по локално време се покриени од камерата од возило за расчистување на снег. Во следниот кадар се гледа маж, можен убиец, како се појавува зад возилото и влегува во автомобил од марката „лада приора“ кој го чека. Коментаторот на телевизијата вели дека не е возможно да се види на снимката како тој маж се нашол на мостот, со се верува дека го чекал Немцов на скалилата кои водат на мостот. Сепак, главниот сведок Дурицка, во истрагата изјавила дека убиецот и’ пришол на двојката од зад грб./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.