Европа
Илјадници на собирите за поддршка на бегалците, се најавуваат протести против
Десетици илјади луѓе се собраа во саботата во данската и британската престолнина, Копенхаген односно Лондон, на собирите за поддршка на стотиците илјади бегалци кои бараат засолниште од сиромаштијата и војните во нивните африкански и азиски татковини во западна Европа, а најавени се и протисти против политиката на нивно задолжително распоредување во земјите од Европската унија.
Данската полиција на Twitter објави дека собирот во Копенхаген протекува во мирна атмосфера, и дека се собрале околу 30.0000 луѓе. Данските медиуми пренесуваат дека собраните носеле транспаренти со натписите „Бегалци, добредојдовте“ и„Европа е во сириското соседство.
Слични протести се одржани и во други дански градови, како Падбург, на границата со Германија, преку кој преминуваат бегалците.
И во Лондон во знак на поддршка на бегалците се собраа десетици илјади демонстранти, кои бараат од својата влада која првично ги одби квотите на ЕУ а потоа објави дека ќе згрижи 20.000 сириски беглаци во текот на следните пет години, повеќе да им помогне на бегалците.
Момченце маскирано Падингтон, кадифеното мече со потекло од Перу кој стана икона на британската детска литература, носеше транспарент на кој пишуваше „И мечето Падингтон беше бегалец“, пренесува AFP.
Новиот претседател на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, чиј избор претходно во саботата британските медиуми го нарекоа „играта на Том и Џери“, им се обрати на демонстрантите во Лондон и се заложи за „мирни решенија“ на бегалскиот проблем.
„Нашата цел е да се изнајдат мирни решенија за проблемите на овој свет. На нас паѓа одговорноста, бидејќи сме потписници на конвенцијата од Женев, дека на тие луѓе (бегалците) ќе им пружиме грижа и поддршка“, изјави 66-годишниот Корбин.
Протестите ги поддржуваат разни домашни и меѓународни хуманитарни и невладини здруженија, меѓу кои се американската Amnesty International организацијата „ Stop the war coalition“.
Неколку илјади луѓе минаа низ центарот на Лондон до кабинетот на премиерот Дејвид Камерон, со плакати на коишто пишуваше „Отворете ги границите“ и „Бегалците внатре, ториевците надвор“
Освен во Лондон и Копенхаген, собири се најавени и во Берлин, Виена и Лисабон.
Истовремено, собири против бегалците се најавени и во неколку германски и источноевропски градови. Собири се најавени во Полска, Чешка и Словачка./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.
Европа
Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа
Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за „Дојче веле“, Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.
Халденванг зборуваше за апсењето тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии, кои може да се користат за воени цели.
„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.
Халденванг разговараше за „Дојче веле“ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.
Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.
„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.
„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.
Според него, Германија е особено нападната како важен играч во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.
Халденванг рече дека во екстремен случај рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја што е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.
Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.
Како што додаде Томас Халденванг за „Дојче вече“, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настана: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.
„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментот, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.
Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.
„Можеме да замислиме разни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.
Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација тој ги наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи, кои поттикнуваат поединци да вршат напади.