Европа
Италија: Бројката загинати во земјотресот достигна 290
Бројот на жртвите од земјотресот кој на 24-ти август во раните утрински часови ја погоди централна Италија во саботата рано попладне се зголеми до 290, објави службата за цивилна заштита.
Повеќето од загинатите се во градот Аматриче, каде што во саботата, кога во Италија беше ден на жалост, престојуваше претседателот на републиката Серџо Матарела. Медицинска помош им била укажана на повеќе од 400 луѓе, а без покрив над главата останаа 2.444 луѓе, кои се сместени во 42 шаторски населби.
Во Асколи-Пичено се одржа погребната церемонија за 35 жртви на стихијата од местата Арквата и Пескара дел Тронто, на која покрај шефот на државата, учествуваше и премиерот Матео Ренци и други највисоко претставници, стотици жители и припадници на спасувачките служби.
„Немојте да се плашите да го изразите своето патење, но не ја губете храброста. Заедно повторно ќе ги изградиме нашите домови и цркви. Заедно ќе го вратиме животот во нашите заедници, на нашите традиции и на урнатините на смртта“, изјави во проповедта бискупот на Асоли, Џовани Д’Ерколе.
Видно потресен, како што покажуваат телевизиските сними, премиерот Ренци не одржа говор, како и другите политичари, само ги поздрави семејствата на жртвите и челниците на локалните власти на крајот од церемонијата.
Меѓу ковчезите беше и оној на 9-годишната Џулија, чиешто кревко тело ја заштитило нејзината петгодишна сестричка Џорџа, која беше меѓу последните извлечена жива од под урнатините.
Втората погребна церемонија е предвидена за почетокот на следната седмица за жртвите на Акумоли и на Аматриче, населба со 2.500 жители, од кои најмалку 230 загинаа, од другата страна на планинскиот масив.
По повод денот на жалоста, каналите на јавната италијанска телевизија се означени со црна лента и не емитуваат дури ни реклами, а почест на жртвите им беше одадена и симболично и со биењето на камбаните во Асиси, којашто во 1997 година и самата беше тешко оштетена во силниот потрес.
Во Аматриче во текот на изминатата ноќ и во саботата претпладнето се извлечени нови мртви тела, со што бројот на загинатите се зголеми на 290, а под урнатините најверојатно има уште жртви.
Меѓу загинатите има најмалку 16 странски државјани, туристи или кои живеат веќе подолго во Италија: десетмина се Романци, тројца се Британци, и по една жртва од Шпанија, Канада и Салвадор, според властите на овие земји.
Почвата уште се тресе, што го отежнува работењето на спасувачите, иако веќе никој не очекува дека во урнатините ќе бидат пронајдени преживеани. Од средата до саботата се регистрирани 1.300 помали подземни удари, а во саботата во мугрите уште еден со магнитуда 4 по Рихтер, а почвата потонала за дваесетина сантиметри на подрачје со должина од 10 километри./крај/мф/сн
Извор: Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.