Европа
Италија ја заострува конфронтацијата со ЕУ
Судирот на Италија со Европската унија се заостри во петокот, кога премиерот Матео Ренци го отфрли повикот на претседателот на Европската комисија да ги ублажи критиките на европските политичари во сферите на миграцијата, банкарството и буџетот, a Италија го блокираше доделувањето на три милијарди евра за Турција за справување со бегалците, постигнат со Брисел.
„Нема да нé заплашат ефектните фрази. Италија заслужува да биде почитувана“, изјави италијанскиот премиер Матео Ренци во интервјуто за телевизијата Canale 5.
„Мислам дека италијанскиот премиер, кого многу го почитувам, греши кога ја критикува Европската комисија на секој чекор. Јас својата огорченост, која е голема, ја чувам за себе“, изјави претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер претходно во петокот за новинарите во Брисел, алудирајќи на можните внатрешнополитички причини за критиките кои доаѓаат од Рим, пренесе Reuters.
Јункер, исто така, го обвини италијанскиот премиер за обид да ја „демонизира“ ЕК. „Тој (Ренци) ја демонизира и критикува Европската комисија во секоја прилика. Не ми е јасно зошто тоа го прави“, рече челникот на Комисијата. „Односите меѓу Италија и остатокот од ЕУ, а особено со Европската комисија, не се најдобри“, заклучи Јункер.
Под притисокот на двете евроскептични партии и ослабената национална економија по трите години рецесија, италијанскиот премиер Ренци влезе во конфронтација со ЕУ на повеќе фронтови.
Во декември Италија се обиде да го блокира продолжувањето на санкциите на ЕУ против Русија поради украинската криза и истапи противи изградбата на рускиот гасовод Северен тек 2, кој го форсира и делумно финансира Германија, откако Европската комисија со своите активности всушност предизвика Москва да се повлече од проектот Јужен тек, со кој со природен гас требаше да се снабдува и Италија. Тогаш премиерот Метео Ренци отворено ја обвини Унијата за „двојни стандарди“.
Претходно во петокот Италија го блокираше планот на ЕУ за исплата на Турција на три милијарди евра за справување со миграциската криза. Министерот за финансии Пјер Карло Падоан не се согласи со тоа поголемиот дел од оваа сума, односно 2,5 милијарди евра, да го соберат земјите членки на Унијата. Според него, целата сума треба да биде издвоена од заедничкиот европски буџет. Италија, исто така, побара повеќе информации за конкретните намени на кои ќе се трошат тие пари, пишува EUobserver.
Јункер на прес-конференцијата во врска со ова изјави дека не ги разбира причините за овој „поразителен“ чекор на Италија, бидејќи парите, според него, не се наменети за Турција, туку за сириските бегалци на турска територија.
Холандскиот министер за финансии, Јероен Дијселблум, изрази надеж дека во „најскоро време“ Италија ќе го одобри доделувањето на споменатата сума за Турција.
Министерот за европски прашања на Турција, Волкан Бозкир, во меѓувреме изјави дека Анкара очекува да ја добие ветената сума, и покрај протестите на Италија, пренесе агенцијата Anadolu.
„Кога две страни ќе склучат договор, тие се обврзани да ги исполнат своите ветувања“, коментираше турскиот дипломат. „Верувам дека ЕУ, благодарение на своите внатрешни механизми ќе го заживее донесеното решение. Такво е очекувањето на Турција“, порача Бозкир./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.