Европа
Јункер ги повика Грците да кажат ‘да’ за Европа
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, го повика во понеделникот од Брисел во говор кој агенциите го оценија како многу емотивен, грчкиот народ на референдумот да гласа за последниот предлог на трите институции (Европската комисија, европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), а грчките челници одговорноста да ја стават пред своите лични биографии.
„Какво и да е прашањето коешто ќе биде поставено на референдумот, го повикувам грчкиот народ да гласа за нашиот пакет. Доколку гласаат ‘за’, тоа ќе претставува порака дека сакаат да останат во Европската унија. ‘Не’ на референдумот би значело ‘не’ за Европа“, изјави челникот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер на прес-конференцијата во Брисел.
Во преполната сала Јункер имаше излагање од 40 минути, во говор набиен со емоции и драматика, ценуваат медиумите, настојувајќи да го објасни последниот предлог на трите институции – Европската комисија, европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд – за кој грчката влада одби да преговара, туку еднострано ги прекина преговорите во петокот навечер и распиша референдум кој ќе се одржи на 5-ти јули.
Спротивно од очекувањата, која се појавија откако беше најавена неговата прес-конференција, Јункер не изнесе никаква нова понуда за Грција. „Нема нов предлог, но Грција може да се врати на преговарачката маса“, рече.
Јункер истакна дека тој пакет е погрешни претставен пред јавноста во Грција, дека во него нема предлози за кастрење на платите и пензиите. Ги обвини грчките челниците дека го „заведуваат народот со полувистини, а не му ја рекле целата вистина“. „Време е одговорноста да биде ставена пред личната биографија, а државата пред партиите“, рече челникот на Европската комисија.
Јункер рече дека се чувствува „предаден“ по долготрајните преговори кои ги имаше со грчките преговарачи и со самиот премиер Алексис Ципрас, кој со ниеден збор не му го споменал референдумот, ниту дека притоа ќе им препорача на граѓаните да гласаат против предложениот пакет за продолжување на надворешната финансиска помош на Грција.
Како дополнување на силните залагања на Јункер за останување на Грција во еврозоната и во Европската унија, за време на целиот настап во заднина на видео бимот била емитувана слика од споените знамиња на Европската унија и на Грција.
Јункер изјави дека неговата европската политичка кариера започнала во 1982 година, кога тогашната Европска заедница имаше 10 членки, а 10-та членка токму беше Грција, којашто се придружи една година претходно. Ги цитираше притоа тогашниот француски претседател Валери Жискар Десетењ, кој тогаш и покрај противењата на многумина, се заземаше за приемот на Грција во ЕЗ, велејќи дека „Платон не заслужува да игра во втората лига“. „И јас денес мислам дека Платон не заслужува да игра во втората лига“, порача Јункер.
Додаде дека преговарачите на трите споменати институции се вложиле и вложувале многу напори сé до последниот момент, додека грчката влада не ја затворила вратата.
Истакна дека играњето на поделба во еврозоната не е добра тактика. „Ниедна демократија не вреди повеќе од другите во еврозоната, во којашто има 19 демократии, а не една против 18-те други или 18 против една“, рече Јункер.
Последната понуда трите институции не беше „глупав пакет за штедење“, туку извонредно „чесна и социјална праведна понуда“, додаде.
Јункер порача дека тој пакет вклучува борба против корупцијата, транспарентност на јавната управа и независна даночна управа. „Кој може да биде против тоа?“, запраша додавајќи дека самата влада на Грција признала дека нивниот пензиски систем, каков што е во моментов, е неодлржлив, но и дека не било барано намалување на пензиите за најсиромашните. „Немаше ултиматуми, немаше пристап ‘земи или остави’, Европа не функционира на компромиси“, тврди Јунекр.
Својот настап Јункер го заврши на грчки, велејќи дека „Грција е Европа, Европа е Грција“./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.