Европа
Јункер: И покрај тешкотиите, ЕУ ќе опстане
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди во петокот, во својот прв годинешен настап во јавноста, дека оваа година ќе биде тешка, но одлучно ја отфрли идејата дека поради тие тешкотии би можела да биде во доведена во прашања и самата Европска унија.
„Немам премногу илузии, кога станува збор за оваа година, бидејќи сé ќе биде тешко. Но нема да се откажам, ја отфрлам идејата дека тоа на некој начин е почетокот на крајот“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер на прес-конференцијата во петокот во Брисел.
Јункер се зазема за изнаоѓање заедничко европско решение за мигрантската криза, која го доведе во прашање шенгенскиот простор, едно од најголемото достигнување во европските интеграции. Повтори дека пропаѓањето на Шенген значително би ја отежнало економската ситуација.
„Доколку некој сака да го убие Шенген, тогаш на крајот тоа ќе му се случи и на единствениот пазар. А тоа ќе доведе до проблеми со невработеноста во Европа. Помалку Шенген значи помалку вработени, помал економски раст. Шенген е едно од најголемите достигнувања во процесот на европските интеграции. Без Шенген, без слободата на движењето на работниците, без слободното патување на европските граѓани, еврото нема смисла. На ист начин се поврзани Шенген, слободата на движењето и единствениот пазар“, порача Јункер.
Оттаму, Европската комисија ќе стори сé што е потребно за да се сочува Шенген, додаде Јункер, истакнувајќи ја високата цена на повторното воведување на контролите на внатрешните граници. „Чекањето на секој камион на внатрешната граница би чинело 55 евра по час“, прецизираше.
Изрази и разочарување од бавното спроведување на сето она што досега беше договорено во врска со мигрантската криза. „Не можам да прифатам дека не е спроведена релокацијата на 160.00 луѓе“, рече Јункер. Според последните податоци, досега се распоредени само 272 лица, а според договорениот план во рок од две години би требало во земјите членки да бидат распоредени сите 160.000 лица.
Јункер рече и дека годинава првиот приоритет на Европската комисија ќе бидат растот и вработувањето, и ги повика земјите членки да ги спроведуваат структурните реформи, да покажат фискална одговорност, како и да се насочат на стратешките инвестиции.
Зборувајќи за еден од најголемите предизвици годинава за ЕУ, прашањето на останувањето на Велика Британија во Унијата, Јункер изрази уверување дека следниот месец на самитот ќе биде постигнат задоволувачко решение за тоа. „Прилично сум сигурен дека ќе имаме договор, не компромис како трајно решение“, рече Јункер.
Челниците на ЕУ ќе се соберат на 18-ти и 19-ти февруари во Брисел на самите на којшто би требало да постигнат договор околу реформите кои ги побара британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој во ноември минатата година ги објави четирите главни области во кои бара реформи во ЕУ, за да може на британските избирачи да им препорача да гласаат за останување во ЕУ на референдумот кој вети дека ќе го одржи до крајот на 2017 година, но како најверојатен датум сега се споменува јуни оваа година.
Јункер се осврна и на ситуацијата во Полска, која се најде на удар на критиките откако новата влада го коригираше законите за уставниот суд и за именувањето на челниците во јавните медиуми. ЕК покрена прелиминарна анализа на полскиот закон за Уставниот суд за да се утврди дали е во спротивност со законодавството во ЕУ. Тоа е почеток на постапката, коешто може да доведе дури и до одземање на правото на глас на земја членка. Јункер рече дека во овој момент нема смисла да се споменува членот 7 од Договорот за ЕУ, кој ја дефинира можноста за одземање на гласот на земја членка, бидејќи само што е започнат дијалогот со полските власти./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Два питбула убија 13-месечно дете, трагедија во Италија
Утрово, во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула го нападнале тринаесетмесечното момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата ги повредиле и нив. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брзата помош, сопствениците на кучињата биле познајници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот на семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот, се преселила во Камполонго, каде што изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата, кои живееле во друг дел од двокатната зграда, пишува „Салерно кориере“.
Според соседите, кучињата досега не покажале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте, изјави дека администрацијата ќе ги сноси трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година Министерството за здравство донесе правилник во кој беше вклучен список на раси што се сметаат за опасни, но оваа одредба подоцна беше укината.
Европа
Европа се загрева најбргу: објавен алармантен извештај
Заедничкиот извештај објавен од „Коперник“ (Службата за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) откри загрижувачки нови податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.
Европа е континентот што најбргу се загрева, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.
Стапката на смртност од топлина е зголемена 30 % во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот, како што објави „Гардијан“.
Според извештајот, температурите во Европа биле над просекот 11 месеци минатата година вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата, имаше големи пожари, кои ги опустошија селата и ги задушија жителите на градовите.
Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји, како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгореа 96.000 хектари шума, се вели во извештајот.
Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година Европа беше околу 7 % повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од највлажните години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на „Коперник“.
Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северозападна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, а поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на продолженото лето од јуни до септември.
На врвот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постојните здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.
На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостигот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително се топат. Во последните две години алпските глечери изгубија околу 10 % од преостанатиот волумен.
Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува сè повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не мора секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.
Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на смртни случаи поврзани со топлина, но се знае дека имало 70.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина во 2022 година. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина веројатно ќе биде поголем во 2023 година“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.
Европа
Напад во Русија, двајца полицајци загинаа, еден повреден
Двајца полицајци се убиени, а еден е ранет кога неидентификуван напаѓач нападнал руска полициска единица во градот Карачаивск во Карачаевско-Черкезија, во Северен Кавказ, соопшти регионалниот оддел на Истражниот комитет на Русија.
Како што се наведува, денеска, непознато лице со огнено оружје пукало неколкупати во полициски одред во градот Карачајевск, а потоа напаѓачот ги украл службеното оружје и муницијата на полицијата, пренесува „Интерфакс“.
Потрагата по напаѓачот е во тек.