Европа
Камерон настојува да ги смири ториевците поради ветувањата на Шкотска
Британскиот премиер Дејвид Камерон се обиде да ја смири вознемиреноста и отвореното противење во редовите на својата Конзервативна партија поради ветувањата дека доколку биде одбиена на референдумот од 18-ти септември независноста на Шкотска, ќе ѝ даде поголеми овластувања на оваа членка на Обединетото Кралство, што само нагласува колку проблеми ќе имаат Шкотите да го добијат она што го посакуваат и што им беше ветено од челниците на трите водечки британски унионистички партии доколку ја отфрлат идејата за отцепување.
Британскиот премиер Дејвид Камерон во понеделникот ја повика рупата незадоволни парламентарци во својата вила во близина на Лондон за да ги сослуша нивните забелешки и да види како може да ги одоброволи. Еден од присутните, Џејмс Вартон, пред состанокот изјави дека Камерон мора да ја ублажи загриженоста поради тоа што новите овластувања за Шкотска би можеле да му наштетат на остатокот од Велика Британија. „Мора да се стори нешто и за Англија, мора да се најде решение за Англија. Иако Англија е најголемата британска држава, единствено неа не ѝ се сѐ уште дадени никакви самостојни овластувања“, рече Вартон.Овој итен состанок според британските аналитичари укажува на предизвиците со кои се соочува британската политичка традиционална елита кога се обврза на Шкотска да ѝ даде поголеми овластувања. Два дена пред референдумот кога анкетите покажаа дека унионистите ја загубиле предноста од јули од 26 отсто а кампањата на поддржувачите на отцепувањето на Шкотска дури благо мина во водство, челниците на трите водечки традиционални унионистички партии се согласија да се дадат проширени нови овластувања на Шкотска доколку нејзините граѓани изгласаат да останат во рамките на унијата долга 307 години, и тоа по прашањата на даноците, социјалната грижа и буџетската потрошувачка, како и да се продолжи со спроведувањето на одредбата според којашто Шкотска ќе добие многу повеќе средства од британскиот буџет по глава на жител отколку другите земји во Велика Британија.Сето тоа на мнозинството Англичани им пречи, а незадоволниците, меѓу другото, бараат „англиски гласови за англиски права“, односно прекинување на досегашната практика според којашто неанглиските парламентарни пратеници можат да гласат за прашањата поврзани со Англија, но не и обратно. Таквите дијалози предизвикаа гнев меѓу шкотските приврзаници на самостојноста, па Шкотската национална партија (SNP) во понеделникот го постави прашањето дали шкотскиот буџет е заштитен или британските политичари планираат „грабеж на парите“.Алекс Салмонд, шкотскиот премиер и лидер на шкотските поборници на независноста кои доживеаја неуспех на референдумот од четвртокот, во неделата го обвини британскиот премиер Дејвид Камерон и другите британски политичари унионисти дека со измама ги придобиле мнозинството Шкоти да ја отфрлат независноста со лажни ветувања за гарантирани дополнителни овластувања. „Мислам дека ветувањето всушност е измислица изродена од очајот последните денови од кампањата и мислам дека во Шкотска сега тоа сите го сфаќаат“, изјави Алекс Салмонд коментирајќи го ветувањата за проширување на автономијата на Шкотска доколку ја отфрли независноста, што британскиот премиер Дејвид Камерон и другите функционери од сите три традиционални унионистички партии во Велика Британија ги искажуваа последните два дена пред одржувањето на референдумот на 18-ти септември.„Токму оние коишто беа уверени да гласаат против (на референдум), кои се изманипулирани, сега навистина се гневни“, изјави за BBC Салмонд, кој по поразот на неговата кампања за излегување на Шкотска од рамките на Велика Британија најави заминување од челната позиција во Шкотската национална партија (SNP), главниот заговорник на шкотската независност.Затоа на Камерон, кој не сака да остане запаметен како политичар кој на Шкотите им дал ветување а потоа не го исполнил, и на другите унионистички челници им преостанува уште многу малку време, бидејќи до ноември мораат да си обезбедат внатрешнопартиска поддршка за договорите околу шкотска и пота да ги состават во пишана форма до крајот на јануари, доколку сакаат да го исполнат ветеното. Имајќи предвид дека парламентарните избори ќе се одржат во мај 2015 година, тоа значи дека на сегашниот состав на парламентот не му останува многу време да го постигне договорот кој ќе го спроведе изборниот победник, кој и да биде./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.
Европа
(Видео) Катастрофални поплави во Русија, куќи под вода, илјадници евакуирани
Поради последиците од големите поплави, во Русија се поплавени околу 18.000 домови, додека реката Тобол во областа во близина на границата со Казахстан се заканува да се искачи на рекордно ниво. Државната новинска агенција Тасс објави дека од вчера се поплавени уште 1.700 куќи. Илјадници луѓе се евакуирани во последните неколку дена.
Massive flood after the water level in the Ural River risen in Orenburg, Russia 🇷🇺 (13.04.2024)
TELEGRAM JOIN 👉 https://t.co/9cTkji5aZq pic.twitter.com/SXxuuoAmI1
— Disaster News (@Top_Disaster) April 13, 2024
Регионот Оренбург јужно од планината Урал и регионот Курган во Сибир беа најтешко погодени од катастрофални поплави во близина на јужната граница со Казахстан. Во главниот град на регионот, Курган, реката Тобол порасна за метар и половина за само 24 часа. Курган се подготвува за рекорден водостој и за големи поплави, изјави министерот за вонредни состојби Александар Куренков, кој рече дека нивото на водата се зголемува и во блиската област Тјумен во Сибир.
1/10🌊🇷🇺 #RussiaIsCollapsing
While the Russians fight in #Ukraine 🇺🇦, #Russia is sinking
📍#Kurgan the risk of another dam failure is high
As in #Orenburg & #Orsk, residents leave their homes, leaving dogs chained to deter looters. They won’t survive it. #floods #Rosja #Russie pic.twitter.com/JMURpr5Rbv
— 𝐀𝐧𝐧𝐚 𝐊𝐎𝐌𝐒𝐀 | 🇪🇺🇫🇷🇵🇱🇺🇦 (@tweetforAnna) April 18, 2024
Во моментов има приближно 94 села каде живеат 34.000 луѓе во опасност од поплави. Во четвртокот властите евакуираа 1.500 луѓе од Тјумен и ги транспортираа на безбедно. По обилните дождови и невообичаено снежната зима, Русија оваа година се бори со исклучително тешки сезонски поплави.
Жителите на погодените подрачја ги обвинуваат властите дека доцна преземаат мерки за нивна заштита и дека не реагираат доволно брзо. Слични поплави ги погодија областите преку границата во соседен Казахстан, каде властите претходно почнаа да ги евакуираат луѓето. Досега од таа област се евакуирани повеќе од 100.000 жители.