Европа
Камерон сака референдум за ЕУ во јуни 2016, смета дека Британија може да опстои без ЕУ
Британскиот премиер Дејвид Камерон го поддржува одржувањето на референдумот за членството на Велика Британија во Европската унија во јуни 2016 година, година ипол пред терминот која го најави – крајот на 2017-та, доколку челниците на другите држави членки ги прифатат неговите предлози за реформи на самитот кој ќе се одржи во декември годинава, објави во понеделникот The Times, кога Камерон изјави и дека неговата земја може да опстојува и надвор од Унија, доколку излезе од неа.
Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон објави дека британската влада сé уште не донела одлука за датумот на кој би се одржал референдумот за членството во Европската унија. Како што изјави премиерот, времето за одржување на референдумот ќе го одреди исходот на преговорите, во рамките на рокот одреден до крајот на 2017 година.
Камерон во вторникот би требало да го објави писмото упатено до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск со своите реформски предлози. Исто така, во него треба да предупреди на можното излегување на земјата од Европската унија.
Повикувајќи се на функционери, The Times наведува дека на европската партнери им е кажано, доколку декемврискиот самите на ЕУ мине добро, Камерон попрво би го одржал референдумот во јуни 2016 година.
Испитувањата на јавното мнение, пак, покажуваат дека мнозинството Британци сакаат да останат во ЕУ, иако разликата меѓу нив и оние коишто сакаат излегување на земјата од Унијата последните месеци се намалила, во голем дел и поради европската миграциска криза.
Истовремено во понеделникот премиерот Дејвид Камерон изјави дека Велика Британија може да егзистира и надвор од Европската унија, доколку се реши да излезе неа.
„Некои луѓе се сомневаат во тоа дали земјата може да егзистира и да преживее надвор од ЕУ,. Се разбира дека може. Велика Британија е петтата светска економија со неверојатно силен финансиски сектор“, беше убедлив Камерон во својот настап на форумот на Конфедерацијата на британската индустрија (CBI The Voice of Business).
Според британскиот премиер, процесот на почеток на темелната ревизија на договорот со ЕУ во однос на барањата на Лондон ќе започне со писмото коешто ќе му го испрати на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, како што најави, во вторник.
„Не сум задоволен од сегашната ситуација во Европа. Точките, коишто сакам да ги истакнам, се засноваат на тоа дека доколку ја направиме Европа поконкурентна, без разлика на тоа дали ние ќе бидеме надвор ‘во потесен сојуз’, без разлика дали ќе се донесат почесни правила за земјите, коишто не се членки на еврозоната, дали ќе се намалат притисоците кон нас во врска со прашањето за миграцијата. Тоа се најважните промени, чиешто реализирање за нас е од витално значење. Доколку тоа можам да го издејствувам, ќе ме видите меѓу оние кои решително се залагаат за зачувување на членството на Велика Британија во реформираната ЕУ. И, како што веќе зборував претходно, доколку ништо не постигнам, ништо не исклучувам. На Европа ѝ се неопходни реформи, тоа е сериозен предизвик за нашата земја“, изјави Камерон.
„Нашиот просперитет и националната безбедност претставуваат приоритет во водењето на преговорите. Се надевам дека британскиот бизнис ќе ме поддржи“, дополни британскиот премиер.
Британските медиуми пишуваат дека Камерон ќе го објави писмото до претседателот на Европскиот совет, а ќе одржи и говор, во кој ќе ги претстави главните реформи на ЕУ, коишто, според него, се неопходни Лондон. Особено ќе инсистира на воведувањето на четиригодишна забрана имигрантите да добиваат социјална помош, заштитни мерки за земјите надвор од еврозаната, продолжување на политиката на ‘уште потесен сојуз’, како и на проширувањето на овластувањата на националните парламенти, со можноста да се блокира носење на закони во ЕУ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.