Европа
Камерон: Со ова темпо Турција ќе влезе во ЕУ во 3000-та
Ќе бидат потребни децении за Турција да влезе во Европската унија и со ваква темпо тоа ќе се случи во 3000 година, му одговори во неделата британскиот премиер Дејвид Камерон на движењето Vote Leave (Гласај за излегување) коешто предупредува дека Турција за пет години ќе влезе во Унијата и ќе ја преплави Велика Британија со нови имигранти.
Движењето Vote Leave во понеделник ќе ја започне кампањата преку плакати со прикажани отворени врати во форма на пасош на ЕУ и пораката „Турција (76 милиони жители) ѝ се приклучува на ЕУ. Гласај за излегување, преземи ја контролата“.
Британија ќе биде немоќна да го запре влегувањето на Турција во ЕУ и слободата на движење на нејзините граѓани, тврди движењето Vote Leave, меѓутоа премиерот Дејвид Камерон тоа го отфрла, пренесува агенцијата DPA.
„Ќе бидат потребни децении за таа можност. Турција својата кандидатура ја предаде во 1987 година. Ако работите напредуваат со досегашното темпо, ќе треба да се почека 3000-та година за таа да ѝ пристапи на Европската унија“, изјави Камерон за телевизијата ITV.
Камерон кој води кампања за останување на Велика Британија во ЕУ, на овој начин им одговори на приврзаниците на излегувањето, еден месец пред референдумот на 23-ти јуни на кој Британците ќе гласаат за останување или излегување од ЕУ, а според анкетите резултатот е многу тесен.
„Дванаесет милиони Турци се изјасниле дека сакаат да дојдат во Велика Британија, и тоа се главно се невработени и студенти“, пишува таблоидот The Sunday Express, близок на антидоселеничката партија UKIP, пренесува агенцијата AFP.
„Гласот за останување во ЕУ е глас кој им дозволува на луѓето од Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција слободно да дојдат кај нас кога некогаш нивната земја ќе ѝ пристапи на ЕУ. Многу од тие земји имаат висока стапка на криминал и проблеми со банди и терористички ќелии“, изјави државната секретарка во вооружените сили на Велика Британија, Пени Мординт, една од министрите во владата на Камерон кои се наклонети кон излегувањето од Унијата.
На прашањето на BBC во неделата Мордонт изјави дека е „многу можно“ дека Турција ќе влезе во ЕУ во следните осум години во Велика Британија „нема да може на тоа да му пружи отпор“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.