Европа
Камерон со предупредување до Шкотите: Независноста е скок во непознато
Британскиот премиер, Дејвид Камерон, во средата ги предупреди Шкотите дека независност би значела „скок во непознато“, пренесуваат британските медиуми.
На осум дена пред најавениот референдум за одвојување на Шкотска од Обединетото Кралство, премиерот Дејвид Камерон, заедно со заменик премиерот и лидер на либералдемократите, Ник Клег, како и лидеот на опозицијата, Ед Милибанд, ненадејно одлучија да ја посетат Шкотска и да се обидат да ги убедат гласачите да гласаат за останување во заедницата.
Оваа посета се одржува, како што наведува AFP, по големата загриженост кај унионистите којашто дојде по најновите анкети кои покажале дека исходот од референдумот е неизвесен.
На зградата на британската влада во вторникот било обесено шкотско плаво – бело знаме, а Милибанд ги повикал сите јавни објекти низ целата земја да го постават знамето на кралското семејство како повик до Шкотите да останат во унијата.
„Обединетото Кралство е драгоцена и посебна земја“, наведува Камерон во авторски текст кој бил објавен во весникот Daily Mail.
„На сите во Шкотска нека им биде јасно дека ние очајнички се обидуваме да останеме заедно и дека не сакаме поделба на нашите семејства. Доколку дојде до поделба на Обединетото Кралство, тоа засекогаш ќе остане поделено. Вашиот избор е јасен односно бирате скок во непознато доколку заокружите „да“ или блескава иднина за Шкотска доколку се одлучите за ’не’“, порачува Камерон.
Лондон до пред само неколку седмици не покажуваше никаква загиженост поради референдумот кој е закажан за 18-ти септември, бидејќи анкетите редовно покажуваа дека убедливо мнозинство гласачи се заинтересирани да останат во Кралството.
Ситуацијата, меѓутоа, се променила минатиот викенд откако таборот за независност првпат стекнал предност, а анкетите објавени два дена потоа покажале дека двете страни се изедначени.
Трите најголеми британски партии веднаш најавиле план за трансфер на дополнителни надлежности за шкотската влада, првенствено во областите за приходи од порез.
Шкотскиот премиер, Алекс Салмонд, лидер на Шкотската националистичка партија, ја отфрлил ваквата иницијатива на Лондон и порачал дека посетата на Камерон, Милибанд и Клег на Шкотска нема да може да им помогне на унионистите, туку дека само ќе ја одржи нивната паника.
Конзервативците на Камерон не се популарни во Шкотска, каде имаат само еден од 59 членови во парламентот.
Лабуристите на Милибанд се малку попопуларни, но тој лично не спаѓа меѓу омилените политичари во Шкотска.
Анкетите покажале дека лабуристичките гласачи се повеќе поддржуваат независност.
Шкотска е составен дел од Обединетото Кралство уште од 1707 година, а претходно долго време се наоѓала во персонална унија со Англија.
Референдумот во Шкотска е прво изјаснување од овој вид што се случува во внатрешноста на Европската унија./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.