Европа
Камерон со тешки барања за останување во ЕУ, Меркел се надева на договор
Британскиот премиер Дејвид Камерон ги изнесе барањата на Лондон за останувањето во Европската унија (ЕУ), а на ова германската канцеларка Ангела Меркел одговори со помирлив тон, односно дека барањата се тешки, но оти е уверена дека може да се најде решение, пренесуваат светските агенции.
„Разговарав со него, ги знам неговите барања и тоа што тој го објави за мене не е ништо ново. Сакаме на овие барања да им одговориме со пристап базиран на можностите за договор. Некои барања се тешки, некои помалку тешки, но ако постои волја да се дојде до решение, верувам дека тоа може да се случи“, навела германската кацеларка.
Од Европската комисија (ЕК) немаа добра реакција на барањата на Камерон на мигрантите да им се забрани пристап до социјалната помош, бидејќи таквата намера е многу проблематична, а истиот случај е и со барањето државјаните на новите членки на ЕУ да им се забрани слободата на движењето.
Претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Мартин Шулц, пак, изрази сомневање во легалноста на барањата на Камерон.
„Слушнав што кажа тој. Доброто е што конечно ги слушнавме барањата на Лондон, но имам големи сомнежи во нивната легалност, особено по прашањето на четиригодишната забрана за пристап до социјалната помош за мигрантите од ЕУ. Ќе почекаме да видиме кои се вистинските идеи на владата на Велика Британија“, рекол Шулц.
Остра реакција имаше и шефот на полската дипломатија Витолд Вашчкивски, за кого барањето за делењето на луѓето по националност е понижувачко. Камерон во вторникот на прес-конференција ги изнесе своите ставови за намерите на Британија да организира референдум за напуштање на ЕУ, а писмото со барањата на Лондон тој го упати и до претседателот на Европскот совет, Доналд Туск.
Британскиот премиер смета дека е клучно барањето за намалување на „високото и неодржливо“ нивно на имиграцијата, а освен што се повикува на „пресметка со оние коишто ја злоупотребуваат слободата на движењето“, како што се измамниците во случаите на фиктивните бракови, тој бара и поголеми овластувања при депортацијата на криминалците.
Камерон во писмото потенцира дека го сака останувањето на Британија во „реформираната Унија“, но не го исклучува напуштањето на европскиот блок доколку преговорите со Брисел не дадат резултат со посакуваните промени./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.