Европа
Киев не воведува воена состојба, Русија негира учество а активисти тврдат дека 100 руски војници загинале во Украина
Украина нема да воведе воена состојба во земјата поради напредувањето на бунтовниците на истокот од земјата но ќе ја врати обврската за редовно служење на воениот рок, Москва негира дека воено учествуваат во судирите во Украина, а опозициски активисти во Русија тврдат дека на боиштето во соседната земја загинале стотина руски војници.
Руското министерство за одбрана во четвртокот навечер негираше какво и да е присуство на руски единици во источна Украина. „Обвинувањата немаат никаква врска со вистината. Ги примивме на знаење тие лажни информации и мораме да ги разочараме нивните автори преку Атлантикот и некои коишто ги поддржуваат во Русија а станува збор за единствен фронт во клеветење на руското министерство за одбрана“, изјави портпаролот на министерството, генералот Игор Конашенков, пренесува агенцијата Интерфакс. Русија одлучно ги отфрла тврдењата на Киев и на Западот дека испраќа единици кои ги водат операциите на проруските бунтовници во источна Украина. Киев во понеделникот објави дека уапсил на своја територија десет руски падобранци, кои како и нивното министерство на прес-конференција изјавија дека при патролирање случајно заталкале на украинска територија. Премиерот на самопрогласената Народна Република Донецк, Александр Захарченко, во четвртокот во интервју за руските телевизии и за Reuters потврди дека во редовите на бунтовниците во Донбас се борат околу три до четири илјади руски доброволци, меѓу кои има и војници кои за време на одморот или отсуството доаѓаат да се борат на страна на проруските бунтовници, но негираше помош и учество на организирани руски единици и воена помош од Русија.Опозициски активисти известија во четвртокот дека во северна Русија во тајност биле погребани двајца падобранци кои според наводно тврдење на нивните семејства загинале во Украина. Двајца членови на Советот за човекови права на рускиот претседател објавија дека повеќе од сто руски војници биле убиени во август во еден напад на украинската армија додека помагале на проруските бунтовници, како и дека руските власти и спречиле протестот на сопругите на војниците северно од Москва.Околу 300 луѓе биле ранети на 13-ти август во близина на гратчето Снижне во областа на Донецк, кога конвој со камиони кој превезувал муниција бил погоден од украински ракетен систем „Град“, рекле Ела Полјакова и Сергеј Кривенко од Рускиот претседателски совет за човекови права, пренесува Reuters. „Конвојот руски војници бил нападнат со ракети ‘Град’ и повеќе од 100 луѓе се убиени. Сето тоа се случило во градот Снижни во областа Донецк“, рекол Кривенко. И Полјакова добила податоци за повеќе од сто убиени руски војници во тој напад.AFP јавува дека руските власти забраниле протест на жените на руски војници кои пред воена база на 331-та регимента на 98-та воздушна дивизија во Кострома, 330 километри северно од Москва, барале објаснување да се видат со сопрузите. „Единствено се согласуваат да ни кажат дека тие не се во Русија“, рекла за AFP Валерија Соколова, која имала сопруг во таа регимента. Според неа, на почетокот од седмицата 15 војници се вратени во Русија ранети, а други во ковчези, пренесува агенцијата.Претседателката на Одборот на мајките на руските војници Валентина Мелникова рекла за опозициската телевизија Дожд дека речиси 15 илјади руски војници се борат во Украина со проруските бунтовници.Москва повторно во четвртокот навечер ги отфрли овие тврдења на Киев и Западот дека нејзини војници се борат во источна Украина. „Тие информации ги проверуваат надлежните власти“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за агенцијата Итар-Тасс.Во меѓувреме, на повеќечасовната седница на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина посветена на напредувањето на проруските бунтовници кој југоисточните области заземајќи повеќе градови и избивајќи на брегот на Азовското Море, било решено дека е несоодветно да се воведе воена состојба во земјата поради ситуацијата во источна Украина, изјавил за РИА Новости, портпаролот на Советот и на воената операција, Андриј Лисенко. „Прашањето беше покренато на состанокот, но учесниците дојдоа до заклучокот дека прогласувањето воена состојба“, рекол портпаролот.Меѓутоа, Советот донеле одлука дека уште од оваа есен ќе го воведе задолжителното отслужување на воениот рок, но регрутите нема да служат војска во областите во кои се водат борби со бунтовниците, пренесе украинската агенција Интерфакс. Меѓутоа, засега не се знае колку долго ќе трае воениот рок. Служењето воен рок беше задолжително за сите Украина повозрасни од 18 година, но поранешниот претседател Виктор Јанукович, кој го собори сегашната прозападна власт со безредијата во Киев во февруари, ја прекина таа практика и воведе професионална војска. Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, кој беше еден од претставниците на ЕУ потписник на договорот меѓу Јанукович и тогашната опозиција за спречување на крвопролевањата во Киев во кои загинаа сто луѓе кој веќе следниот ден беше изигран од страна на опозицијата, рече дека руската акција во источна Украина е „агресија“ која ја создала најголемата безбедносна криза во Европа последните децении и повика на акција, „Најдобро е ако акцијата ја преземе џелата меѓународна заедница“, изјави Сикорски кој смета дека акциите мора да бидат „одлучни, но разборити“, бидејќи последиците би можеле да бидат „несогледливи“.Амбасадорите на 28-те земји членки на НАТО и на Украина, во рамките на Советот Украина – НАТО, ќе одржат во петокот итна средба на којашто ќе се разговара за украинската криза, потврди неименуван функционер на Алијансата. Состанокот ќе се одржи на барање на Украина која ја обвинува Русија дека испраќа војници во југоисточниот дел од земјата да се борат на страна на проруските бунтовници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лукашенко: Опозицијата и НАТО планираат напад врз Белорусија, ни треба нуклеарно оружје
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја се соочува со сериозни внатрешни и надворешни закани поради кои треба да го промени својот безбедносен став и да и дозволи на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.
Лукашенко, без да обезбеди докази, рече дека белоруската опозиција планира да окупира дел од западот на земјата и да побара поддршка од трупите на НАТО, тврдење што опозицијата го отфрли, нарекувајќи го апсурдно.
На истиот состанок, Иван Тертел, шеф на белоруската безбедносна служба КГБ, рече дека неговите оперативци спречиле напади врз главниот град Минск со беспилотни летала лансирани од членката на НАТО Литванија, но таа земја негира дека организирала каков било напад.
Тертел, исто така, тврди дека белоруските безбедносни сили секојдневно се обидуваат да спречат постојани обиди за шверц на оружје од Украина во Белорусија „со цел таму да извршат саботажа и терористички напади“.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, често ги истакнува опасностите од нападите на НАТО или Украина, со што ја оправдува блиската воена интеграција со Русија и постојаното одржување на одбранбениот и безбедносниот апарат во состојба на висока готовност.
Лукашенко зборуваше на состанокот на Белорускиот национален конгрес, уставно тело составено од 1.200 пратеници. На состанокот треба да се одобри ажурираниот концепт за национална безбедност и воената доктрина на Белорусија.
Државната новинска агенција Белта ја објави изјавата на Лукашенко дека „актуелната реалност бара промени во безбедносната положба на земјата“.
„Новата тема на Лукашенко е – нуклеарно одвраќање. Оние кои нè туркаат кон тоа треба да можат рационално да ги согледаат директните последици од нивните, најблаго речено, непромислени одлуки“, пишува Белта.
Руски Тасс ја пренесува изјавата на Лукашенко дека во Белорусија се распоредени „неколку десетици парчиња“ руско тактичко нуклеарно оружје во согласност со договорот што тој и Путин го објавија минатата година. Тоа е прв пат Русија да распореди нуклеарни ракети во странска земја од советската ера.
Белоруската опозиција, од кои повеќето лидери се во затвор, а останатите побегнаа во странство, ја исмеа изјавата на Лукашенко дека планираат да окупираат дел од западот на земјата.
„Мислам дека Лукашенко треба да биде коментиран од психотерапевт бидејќи тој живее во свој свет и се чини дека губи допир со реалноста“, рече Франак Виацорка, главен соработник на прогонетиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја.
„Овој конгрес е негов очајнички обид некако да ја врати сопствената доверба, но и да му покаже на надворешниот свет дека сè уште има поддржувачи. Се разбира, најлесниот начин да ги консолидира своите поддржувачи е да создаде чувство дека има надворешни непријатели“, изјави Виацорка за Ројтерс.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.