Европа
Клуни на чело на поворката на одбележувањето на геноцидот над Ерменците
Американскиот актер и активист за човекови права Џорџ Клуни во неделата во ерменската престолнина Ереван дефилираше на поворката со илјадници луѓе по повод одбележувањето на 101-годишнината од геноцидот над Ерменците во текот на Првата светска војна за кој е обвинета Турција која го негира.
Залагајќи се со години масакрот на илјадниците Ерменци, околу милион и пол како што тврди Ереван, додека Турција вели дека станува збор за меѓи 300.000 и 500.000 убиени, да се признае како геноцид, холивудскиот актер Џорџ Клуни во саботата пристигна во поранешната советска република за да учествува во годинешниот марш.
Клуни, ерменскиот претседател Серж Сарксијан и илјадници Ерменци, продефилираа низ Ереван до ридот на кои се наоѓа спомен комплексот на жртвите на геноцидот и положија цвеќиња пред вечниот пламен. Ширум земјата, како и меѓу бројната ерменска дијаспора во светот, во неделата исто така беа организирани комеморации во ерменските цркви.
„Овој геноцид е дел од ерменската историја и дел од светската историја. Тоа не е болка само на еден народ“, изјави Клуни во Ереван. Тој е копретседател на селекциската комисија за наградата Аврора за будење на човештвото за преживеаните во геноцидот од 1915 година, а подоцна во неделата ќе го објави првиот добитник на оваа награда.
Наградата е наречена по Аврора Мардиганиан, која го преживеала геноцидот на Ерменците и сведочела за колежот врз нејзиното семејство. Својата приказна подоцна ја раскажа во книга и на филм.
Ерменците тврдат дека Турција погубила милион и пол луѓе, вклучително и жени и деца, откако руските царски војски продреле во Отоманското царство. Турција негира дека се случил геноцид, и тврди дека Ерменците се вооружиле за да им помогнат на руските војски кои извршиле инвазија на земјата. Во судирите, според Анкара, загинале меѓу 300.000 и 500.000 Ерменци, но и Турци во периодот меѓу 1915 и 1917 година./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.