Европа
Коалицискиот партнер CSU ѝ се заканува на Меркел со тужба поради бегалците
Христијанско-социјалната унија (CSU) баварската сестринска партија на Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел, се закани во вторникот дека ќе ја тужи владата доколку не биде исполнето нејзиното барање да се запре приливот на барателите на азил, што дополнително го продлабочува поделбата во владејачката коалиција околу политиката на отворени граници за имигрантите.
Атмосферата во рамките на владејачката Унија CDU/CSU меѓу двете демохристијански сестрински партии, Христијанско-демократската унија (CDU) на чие чело е Ангела Меркел и Христијанско-социјалната унија (CSU), која ја предводи баварскиот премиер Хорст Зехофер, дополнително се влоши минатиот четврток по средбата на канцеларката со челниците на баварската партија, поради истрајноста на Меркел на тоа да не се воведува горна граница на бројот бегалци кои може да влезат во земјата, како што со месеци бараат од CSU, бидејќи Баварија е прва на ударот на огромниот бегалски бран.
Хорст Зехофер, челник на CSU, бара во писмото од вторникот, од владата предводена од Меркел воспоставување центри за прифаќање на границата со Австрија за забрзување на депортирање на доселениците за коишто е јасно дека не ги исполнуваат условите за добивање политички азил.
На канцеларката во вторникот со телефакс ѝ било испратено писмо во коешто е содржана заканат со сид, а Меркел добила рок до петок да одговори на него пред биде објавено до Зехофер.
Во интервјуто за јавниот сервис ARD во саботата, Зехофер рече дека односот меѓу CDU CSU е разнишан. „Ние се движиме кон политички многу тешки седмици и месеци“, порача баварскиот премиер.
Томас Оперман, претседателот на пратеничката група на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), која исто така е дел од ткн „голема коалиција“ на власт, во Берлин ја нарече оваа закана „објавување на излегувањето од коалицијата“. „CSU не е предусловот да можеме да владееме“, додаде Оперман.
Според него коалицијата CDU и SPD ќе го задржи големото мнозинство во парламентот и без CSU, којашто неприкосновено владее во сојузната земја Баварија на југот од земјата, којашто е главна точка за влез на имигрантите од соседна Австрија и е една од најоптоварената со мигрантскиот бран.
Од CSU, исто така, ги обвинија социјалдемократите во SPD за забавување на спроведувањето на чекорите за намалување на бројот на бегалците, како што е суспендирањето на можноста за спојување на семејствата.
Германија минатата 2015 година прими повеќе од 1,1 милион баратели на азил, што доведе до тоа повеќето партии да повикаат на преземање мерки за забавување на приливот бегалци.
Политиката на германската канцеларка Ангела Меркел кон бегалците ја поддржуваат сé помалку германски граѓани, па така според најновото истражување на јавното мнение објавено изминатиот викенд, само 15 отсто од испитаниците сметаат дека канцеларката би требало да продолжи со досегашната политика.
Во анкетата која за телевизијата TVN24 ја спровел институтот Emnid, 79 отсто од испитаниците сметаат дека би требало да бидат построги условите за стекнувањето на бегалскиот статус во Германија. А 33 отсто од испитаниците сметаат дека би требало да се затворат германските граници, доколку тоа го сторат и другите земји од Европската унија.
Забележливо е дека последните месеци се зголемил и бројот на граѓаните кои стравуваат за безбедноста во земјата. На прашањето „Стравувате ли од тоа дека во Германија ќе стигнат премногу бегалци“, позитивно одговориле 48 отсто од испитаниците. Во април минатата година, позитивно на истото прашање одговориле двојно помалку, или 23 отсто.
Истражувањето на јавното мнение нарачано од јавната телевизија ARD кон средината на јануари, пак, покажа дека со работата на канцеларката Меркел се задоволни 58 отсто од избирачите, во споредба со дури 75 отсто во април 2015 година. Покрај тоа, три четвртини од испитаниците сметаат дека миграцијата е најважното прашање со кое владата мора да се справува во 2016 година.
И новогодишните масовни напади во Келн врз жените, за што се обвинети имигранти, се закануваат со натамошно губење на довербата во Меркел и јакнење на поддршката за антиимигрантската и антиевропска нова партија Алтернатива за Германија (AfD). Популарноста на Меркел започна да опаѓа откако таа се спротистави на повиците да го ограничи приливот на имигранти во земјата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.