Европа
Консултативно изјаснување за независност на Каталонија сепак на 9-ти ноември
Претседателот на шпанската покраина Каталонија Артур Мас најави во вторникот дека некој вид консултации за независноста на покраината, сепак, ќе се одржат на 9-ти ноември кога беше закажан референдумот за независност, откако во понеделникот беше донесена судска забрана за спроведување на плебисцитот во неговиот вообичаен облик.
Претседателот на шпанската покраина Каталонија Артур Мас најави во вторникот дека некој вид консултации за независноста на покраината, сепак, ќе се одржат на 9-ти ноември кога беше закажан референдумот за независност, откако во понеделникот беше донесена судска забрана за спроведување на плебисцитот во неговиот вообичаен облик.
„Ќе организираме консултација (…), но таа ќе се снова на уредбата којашто ја потпишав поради распишување на референдумот“, изјави претседателот на Каталонија Артур Мас, признавајќи дека постојат поделби по тоа прашање во таборот на приврзаниците на независноста, пренесува AFP.
Во 2009 и 2010 година во Каталонија се одржа серија неформални референдуми во малите општини, за кои не се водеше кампања. Во едната серија, што се одржа на 12-ти и 13-ти декември 2009 година, учествуваа 27 отсто од вкупниот број гласачи, а од нив 94,9 отсто гласаа за независност на Каталонија.
„Шпанската држава и натаму се противи“, истакна Мас оглушувајќи се на повикот од Мадрид за дијалог „со почитување на законите“ кои ги упати конзервативниот шпански премиер Меријано Рахој.
„Луѓето ќе можат да излезат на избирачките места и ефектот ќе биде потполно ист“, додаде Мас на прес-конференцијата во Барселона и призна дека е „начнат консензусот“ на четирите партии заговорнички на независноста, бидејќи некои сакале да се продолжи со организирањето на референдумот и покрај тоа што го прекршува шпанскиот закон.
Артур Мас, кој важи за конзервативен националист но кој поради ова прашање се сојузи со левицата којашто исто така ја заговара каталонската независност, оцени дека е „пред голем бран е подобро да се нурне и пота да се излезе на површината“, туку да се дозволи „бранот да те однесе“.
Мас истакна и дека е за одложување на каталонските избори на кои сите партии наклонети кон независноста би излегле со заедничка листа и со заедничка програма – а тоа е независноста. „Тие избори би го имале истиот ефект, како и референдумот. Ова не е крај (…) Крајот ќе биде организирање на изборите од плебисцитарниот тип“, порача каталонскиот претседател.
Уште кон крајот на март годинава Уставниот суд на Шпанија делумно ја поништи декларацијата за сувереноста на Каталонија којашто ја изгласа тамошниот парламент во јануари 2013 година. Судот донесе одлука според којашто референдумот за отцепување не е во согласност со законот, како и дека регионот во составот на Шпанија не можат еднострано да распишуваат плебисцит за самоопределување.
Каталонскиот парламент на 23-ти јануари 2013 година со мнозинство гласови ја усвои декларацијата за статусот на Каталонија како „суверен правен и политички ентитет”, што го отвори патот во 2014 година да биде спроведен референдум за иднината на покраината. Сепак, за законитоста на таквиот референдумот е уште едно големо прашање, откако ланскиот мај Уставниот суд на Шпанија го прифати барањето на централната влада на Шпанија да го суспендира дејствието на каталонската декларација.
Причина за остриот раст на сепаратистичките тенденции во Каталонија се проблемите во економијата, со оглед на финансиската и економската криза во Шпанија. Застапниците на отцепувањето на Каталонија од Шпанија веруваат дека економски развиениот регион, чијашто економија е поголема од, на пример, на Португалија, кој има удел од 20 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на кралството, го издржува остатокот од Шпанија. Каталонците сметаат дека тие и повеќе уплаќаат во заедничката каса отколку што им се враќа и дека добиваат во форма на грантови и исплати помал износ од 16 милијарди евра годишно, што е еднакво на 8 отсто од регионалниот БДП.
Меѓу населението на Каталонија владее уверување дека не треба да се толерира таквата неправда и дека е време да престанат да плаќаат за грешките на економските политики Мадрид.
Централната власт на Маријано Рахој остро ја осудува идејата за независност на Каталонија и во неколку наврати самиот премиер изјави дека ќе направи сѐ што е можно за да се спречи отцепувањето. Во моментов, според членот 92 од Уставот на Шпанија, ваквите одлуки ги носи централната власт и Конгресот на пратениците, а ги одобрува кралот. Мадрид, исто така, може да го примени правото на укинувањето на автономното управување на регионалните влади, а во согласност со членот 8,1 од Уставот да ја искористи армијата за заштита на унитарноста на земјата.
Покрај тоа, на сепаратизмот се спротиставуваат и делови од каталонската бизнис заедница коишто стравуваат од губењето на важниот за нив шпански пазар и неподготвеноста на Европската унија за прием на нова членка.
Според водечките политичари во Каталонија ќе биде најсоодветно да го има статусот како членка на Европската унија. Каталонија, на тој начин, се обидува да се здобие со статусот на европска нација со истите овластувања како што се предвидени за, на пример, Данска, Словенија, Финска, Естонија, Литванија и Латвија.
Во моментов Каталонија е најзадолжената од 17-те шпански автономни региони. Но Каталонија е првиот економски извозник во Шпанија со 28 отсто од шпанскиот извоз, „доколку Каталонија е држава, би биле меѓу првите 50 земји извозници на светот”, истакна во своите минатогодишни истапувања каталонскиот премиер Мас.
Заканите со отцепување на севеористочната шпанска покраина со 7,5 милионско население, претставува голем предизвик и проблем за шпанскиот премиер Маријано Рахој кој се бори со големите економски проблеми.
Како и другата шпанска покраина со сепаратистички тенденции Баскија, и населението на Каталонија има засебен јазик и култура од остатокот од Шпанија. Меѓутоа јакнењето на рецесијата во Шпанија, и невработеноста од 25 отсто и драстичните мерки за штедење, во Каталонија ги засили тенденциите за самостојност.
Како и Шкотска во Велика Британија, Фландрија во Белгија или Паданија во Италија, и Каталонија верува дека подобро ќе живее како самостојна држава којашто не мора да ги финансира посиромашните региони.
Меѓутоа и Каталонија премногу трошеше во децении од градежниот бум кој траеше до 2007 година кога градежниот балон се издува, и повеќе не може да се задолжува на пазарите, бидејќи нејзиниот кредитен рејтинг е оценет како „ѓубре”. Поради тоа Каталонија мораше да побара пет милијарди евра од Шпанија за да ги плати доспеаните долгови.
Каталонците за проблемите ја обвинуваат владата во Мадрид, а не своите лидер. Според анкетите спроведени во 2012 и минатата 2013 година, меѓу 46 и 57 отсто од избирачите сакаат независност и се очекува дека Мадрид ќе мора да ја почитува нивната одлука за самоопределување. Меѓутоа, Мадрид предупредува дека каталонскиот пат до независност не води никаде и дека во тој случај Барселона би морала да аплицира за прием во Европската унија. Економистите тврдат дека брзото одвојување од Шпанија ќе придонесе за голема економска штета./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.