Европа
Критики за Оланд поради доделувањето на Легијата на чест на саудискиот престолонаследник
Доделувањето на највисокото француско одликување Легија на честа на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Најеф, кој воедно е и саудиски министер за внатрешни работи, предизвика во Франција големо незадоволство, особено кај здруженијата кои се против смртната казна, но и критики од оние кои укажуваат на положбата на жените во Саудиска Арабија.
Орденот на Легијата на честа на високиот гостин од сунитската монархија богата со нафта која покрај тоа купува многу француско оружје, е доделена на дискретна церемонија при неодамнешниот претстој на престолонаследникот Мохамед бин Најеф во Франција и без специјално соопштение за јавноста, но саудиската новинска агенција SPA наведе дека министерот за внатрешни работи е одликуван поради „напорите во борбата против екстремизмот и тероризмот“.
Од кабинетот на францускиот претседател Франсоа Оланд во петокот наведоа дека целата церемонија била направена дискретно, но според стандардниот протокол, имајќи предвид дека и францускиот претседател го добил највисокото одликување на Саудиска Арабија.
Ова за радиото France Inter го потврди и новиот министер за надворешни работи Жан-Марк Ејрол, велејќи дека станува збор за дипломатска традиција врз основа на која многу странски државници го добиле одликувањето на Легијата на честа.
Меѓутоа, на социјалните мрежи и во коментарите на здруженијата за човекови права, тоа е оценето како срам за Франција и за нејзината слободарска традиција.
Во критиките се истакнуваат оние кои предупредуваат на односот на Ријад кон правата на жените, дискриминаторската положба на ЛГТБ групите и особено лошата репутација на монархијата во која се исповеда вехабитската форма на сунитскиот ислам кога станува збор за смртната казна, бидејќи во Саудиска Арабија само од почетокот на годинава се извршени седумдесетина егзекуции, а повеќе десетици лица чекаат над нив да биде извршена смртната казна.
Престолонаследникот Најеф ужива углед на Западот бидејќи ја предводеше кампањата со кои во Саудиска Арабија беа прекинати напади коишто Ал Каеда во периодот од 2003 до 2007 година ги изведуваше врз западните интереси и домашните безбедносни сили, но и поради вообичаената корисна размена на информации за терористичките мрежи со саудиските служби.
Од друга страна, пак, многумина коментатори предупредуваат дека Ријад е директниот спонзор на радикалните вехабитски движења како во арапскиот свет, така и на Балканот, па и во Европа, а станува збор за облик на исламот со кој се инспирирани екстремистите и џихадистите чиешто насилство ѝ се заканува на Европа./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.