Европа
Курц за мигрантската криза: Европа мора да се разбуди
Потребно е заедничко делување на Европската унија во решавањето на мигрантската криза, изјави за српската агенција Танјуг, Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, а Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц ја повика ЕУ да се „разбуди“ и побара итен состанок за кризата.
Според Хан, треба јасно да се каже дека за прашањето на мигрантската криза не е проблем Западниот Балкан, бидејќи и овие земји како и некои земји од ЕУ се погодени од оваа криза и затоа е потребно брзо заедничко делување.
„Се надевам дека таквото делување ќе следи по најновите случувања, драматичниот раст на бранот бегалци, бидејќи на балканската рута дојде до шесткратно зголемување на бројот на мигранти“, изјави Хан.
Тој вели дека ова е глобален проблем и дека членките на Европската унија сфатиле дека овој проблем може да биде решен само со заеднички сил.
„Ширум светот има повеќе од 60 милиони бегалци, повеќе отколку по Втората светска војна“, вели Хан.
Тој забележува дека овој предизвик нема едноставни одговори, дека се работи за комплексна тема и дека е важно сите да бидат свесни за проблемите и секој да даде свој придонес во неговото решавање.
„Не треба да ја префрламе вината едни на други, бидејќи тоа не помага никому, а најмалку на бегалците“, смета Хан.
Тој потсетува дека Европската комисија уште пред девет години предложила единствена листа на безбедни трети држави и заеднички процедури, но тоа не било доволно поддржано од земјите членки на ЕУ.
Кулц пак во интервју за виенскиот дневен весник „Естерајх“ вели дека е неодговорно состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ за мигрантската криза да се одржи дури на средината на октомври, како што е предвидено и бара итен состанок на оваа тема.
„Европа мора да се „разбуди“, смртта на 71 бегалец во камион пронајден во Австрија е трагичен повик за будење“, вели Курц.
Спорото делување на ЕУ, вели Курц, и инсистирањето на почитување на Даблинскиот договор само ги поттикнува криумчарите.
„Мора во иднина да постои можност барање за добивање на азил во ЕУ да се поднесува во земји кои не се во Унијата. За тоа е потребно да се донесе одлука на ниво на ЕУ“, вели Курц.
Шефот на австриската дипломатија на почетокот на неделава го претстави предлогот од пет точки за решавање на мигрантската криза, којшто превидува борба против Исламската држава, воспоставување на безбедносни зони на терен, прифатни центри во регионот, но и засилен надзор низ балканските рути и вклучување на земјите од западен Балкан во решавање на проблемот со азилантите.
Исто така Австрија инсистира на фер распределба на азилантите на сите државни членки на ЕУ.
Хан за овој предлог вели дека ја поддржува секоја национална иницијатива која дава придонес за решавање на проблемот./крај/мф
Извор: Tanjug
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.