Европа
Лепен-ови во спор, партијата под истрага за финансирање
Основачот на француската партија Национален фронт (FN), Жан-Мари Лепен во петокот ѝ се спротистави на својата ќерка Марин Лепен, сегашната челничка на оваа партија од крајната десница, којашто настојува да го отстрани од партијата поради провокации во моментите кого Фронот по неодамнешниот успех на локалните избори и растечкиот рејтинг, како и критиките на ЕУ поради влошените односи со Русија, е предмет на интерес за финансирањето од страна на европските институции.
„Ќе се бранам, секако, а веројатно и ќе нападнам“, изјави 86-годишниот Жан-Мари Лепен откако неговата ќерка Лепен најави отворање „дисциплинска постапка“ против татко ѝ, кого го повика „да покаже „мудрост“ и да „прекине со политичката неодговорност“.
Почесниот претседател на Националниот фронт до крајот на април ќе биде повикан пред извршниот комитет на оваа партија, на кој и самиот е член, за дисциплински да одговара со изјавите со кои не се согласува неговата ќерка.
Марин Лепен претходно во четвртокот ја најави дисциплинската постапка против нејзиниот татко Жан-Мари Лепен, кој е соосновач на Националниот фронт, откако даде интервју за весник кој се смета за антисемитски.
Во интервјуто за телевизијата TF1, Марин го повика татко ѝ „да биде мудар, да ги понесе последиците од метежот што го создаде и можеби да излезе од политиката“. Жан-Мари Лепен, инаку, е познат како склон кон провокации, а познат е и по своите испади за Евреите и за случувањата во текот на Втората светска војна.
„Одлучив да покренам дисциплинска постапка. Жан-Мари Лепен ќе биде повикан пред извршниот комитет кој е дисциплинско тело“, изјави челничката на Националниот фронт два дена по жестоката кавга со татко ѝ поради интервјуто што го даде за неделникот на крајната десница Rivarol кого го нарече „одвратна крпа“. Марин не прецизираше кога ќе заседава споменатото партиско тело, чии членови инаку се и двајцата.
Претседателката Марин Лепен, која во 2011 година го презема водството на партијата, како и нејзиниот татко кој беше соосновач на Националниот фронт во 1972 година, рече дека е „тажна како ќерка, но и како активистка“ поради острата расправа со „Лепен“, но ја минимизираше нејзината важност имајќи ги предвид „патењата на Французите“.
Мерин Лепен, којашто ја покрена кампањата за отстранување на стигмите од партии, рече дека му забранила на татко ѝ да се кандидира на локалните избори, велејќи дека западнал во „вистинската спирала меѓу стратегијата на спалена земја и политичкото самоубиство“.
Кон средината на март Европскиот парламент ги осомничи претставниците на француската крајна десна партија за злоупотреба на буџетските средства. Неговиот претседател Мартин Шулц, кој доаѓа од редовите на европската левица, побара од Европското биро за борба против злоупотреби да спроведе истрага.
Станува збор за активноста на службениците ангажирани за потребите на дваесетчлената парламентарна група на Националниот фронт. Според Шулц, тие ја мешаат својата работа во Стразбур, којашто се плаќа од буџетот на Европскиот парламент, со партиските активности директно во Франција, што е забрането со прописите. Според правилата на ЕП, исплатите на асистентите не можат директно или индиректно да одат за финансирање на „договорите со парламентарните политички групи или политички партии“.
Меѓутоа Марин Лепен на овие обвинувања одговори дека, таа и службениците имаат намера да го тужат претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за клевета./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.