Европа
Лидерот на социјалистите веројатен победник на претседателските избори во Молдавија
Челникот на Партијата на социјалистите на Молдавија, Игор Додон, кого го сметаат за проруски кандидат, води во неделата на претседателските избори во Молдавија, покажуваат резултатите од изборната комисија објавени ноќа кон понеделникот.
Игор Додон по преброените на 95 отсто од гласачките ливчиња, освоил 55,48 отсто од гласовите, додека неговата противкандидатка од десната опозиција, челничката на партијата Акција и солидарност, Маја Санду освоила 44,52 отсто од гласовите објави Централната изборна комисија на Молдавија.
Молдавија последен пат избираше шеф на државата на непосредни избори во 1996 година, а оттогаш членовите на парламентот го избираа претседателот.
Главната тема на молдавските претседателски избори беше приближувањето со Русија или кон Европската унија.
Овие резултати очигледно покажуваат дека земјата во изборот меѓу приклонувањето на западот или на истокот, наклонува кон истокот, заклучува Reuters. Се оценува дека со победата на Додон, Молдавија најверојатно ќе го прекине седумгодишниот процес на приближување на Европската унија.
Игор Додон, кому малку му недостасуваше да победи уште во првиот изборен круг, поранешен министер за економија во владата којашто ја водеа молдавските комунисти, вети „повторно воспоставување на стратешкото партнерство со Русија и поништување на економскиот пакет од договорот за придружувањето на ЕУ“.
„Не сум против Европската унија“, изјави повеќепати Додон во текот на кампањата оценувајќи дека „во интерес на Молдавија е спроведувањето на реформите коишто ги бара Брисел, особено во областа на правосудството“.
Санду, кандидатка на пророманскиот опозициски десен центар и поранешна министерка за образование, вети дека доколку победи на изборите ќе направи „европска Молдавија“. „Се залагаме за патот на европските интеграции, бидејќи во рамките на ЕУ ја гледаме вистинската демократија и прогресот за сите оние кои работат“, изјави Санду во предизборната кампања.
Сместена меѓу Романија и Украина, Молдавија е една од најсиромашните земји во Еропа. Податоците на Светската банка покажуваат дека 41 отсто од населението живее се пет американски долари дневно. За повеќето жители, постепеното отворање на европските пазари за молдавските производи не го компензирало губењето на големиот руски пазар, иако извозот кон Европската унија пораснал на две милијарди евра во последните две години./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.