Европа
Мадрид: Полицаец по борба со осомничен загина под воз, евакуирана и една железничка станица
Железничката станица Аточа во Мадрид, на којашто на 11-ти март 2014 година се случи смртоносниот напад, беше евакуирана во петокот откако едно лице се закани дека ќе се разнесе со експлозив, а на друга мадридска станица Ембахадорес полицаец загина обидувајќи се да го утврди идентитетот на сомнително лице по што во борбата двајцата паднале на пругата.
Полицаецот за време на патролирањето со својот колега на мадридската железничка станица Ембахадорес му пришол на патник кој предизвикал „мал инцидент“ и ги побарал неговите лични исправи. Лицето одбило да се легитимира по што дошло до кошкање а двајцата паднале на шините.
„По мал инцидент, полицајците се обидувале да го утврдат идентитетот на човекот. Тој одбил да ги предаде документите и им се обратил на повисок тон, започнала борба и паднале на пругата“, изјави шпанскиот министер за внатрешни работи Хосе Фернандес Диас.
Полицаецот загинал откако бил прегазен од воз кој во тој момент влегол во железничката станица, додека осомничениот, за кој весникот El Confidencial наведува дека бил со темен тен на кожата, се здобил со тешки повреди на главата.
Привремено на спомената железничка станица во Мадрид е запрен сообраќајот.
Малку претходно се случи и инцидент на мадридската станица Аточа, поради заканата на едно лице дека ќе се разнесе. Очевидци меѓу патниците изјавија дека морале да излезат од возот пред проаѓањето.
„Покрената е постапка којашто ја применуваме при терористички закани. Уапсен е маж кој се заканувал дека ќе активира експлозивна направа во својот ранец. По проверката утврдивме дека нема никаква експлозивна направа. Го пребаруваме возот и шините поради проверка“, изјавила за AFP портпаролката на шпанската национална полиција.
Во исламистичките напади во четири приградски возови на влезот во железничката станица Аточа на 11-ти март 2004 година загинаа 191 човек, а околу две илјади беа ранети./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.