Европа
Меркел е подготвена да го дозволи излегувањето на Грција од еврозоната
Германската влада верува дека еврозоната ќе биде подготвена да се справи со излегувањето на Грција, доколку тоа биде потребно, пишува во саботата германскиот неделник Der Spiegel, повикувајќи се на извори блиски на владата во Берлин.
„Германската влада смета дека излегувањето на Грција од еврозоната ќе биде речиси незабележливо, доколку опозицискиот лидер Алексис Ципрас (од коалицијата на радикалната левица Сириза –з.р.) ја преземе владата по (предвремените парламентарни) избори, се откаже од политиката на буџетско штедења и не ги врати долговите на земјата“, пишува интернет изданието на неделникот.
Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот министер за финансии Волфганг Шојбле го промениле мислењето и „сега го сметаат подносливо излегувањето на некоја земја од монетарната унија, бидејќи напредокот во еврозоната е постигнат по кризниот самит во 2012година“, пишува Spiegel Online.
„Ограничен е ризикот од ширење на кризата, бидејќи се смета дека Португалија и Ирска се заздравени. Освен тоа, Европскиот стабилизациски механизам (ESM) е силен механизам за спасување. Големите банки ќе бидат заштитени со банкарската унија“, вели соговорникот на неделникот.
Грчкиот парламент се распушти и ги закажа предвремените парламентарни избори за 25-ти јануари, на коишто, според анкетите, би победила опозициската Сириза. Досега владејачката коалиција составена од конзервативците од Нова демократија и социјалистите од Пасок, малку е веројатно дека ќе може и заедно да осигури мнозинство во парламентот, особено што втората е пред распад и со длабоко нарушена доверба кај избирачите.
Алескис Ципрас најавува дека сака да стави крај на политиката на строго штедење која на Грција ѝ ја наметнаа странските кредитори, „тројката“ – Европската унија, Европската центрана банка (ЕСВ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во замена за заемот од 240 милијарди евра од кои над 110 милијарди се отпишани долгови, од вкупниот долг од над 370 милијарди евра, што ја спаси Грција од банкрот и од излегување од еврозоната, што пред неколку години можеше да го проблематизира и членството во ЕУ.
Ципрас, исто така, сака да испреговара ново реструктурирање на јавниот долг на земјата кој секогаш претставува тежок тег за грчката економија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Велики четврток.
Аудио обраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата Ворчестер во негово отсуство, поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата Ворчестер, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување, да го следам примерот на Христос „да не ми служат, туку да служам“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам, со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак, поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.