Европа
Меркел и натаму одбива горна граница за имигрантите
Германската канцеларка Ангела Меркел пред состанокот со пратеничката група на Христијанско-социјалната унија (CSU) во Бундестагот во средата одби да се изјасни за воведувањето на горната граница за бројот на бегалците кои влегуваат во земјата, како што бараат од сестринската партија која е на власт во сојузната земја Баварија, како што тоа претходно во средата го стори соседна Австрија.
„Согласни сме во едно, а тоа е дека мораме да го намалиме бројот на бегалците, и тоа значително и одржливо. Мислам дека мораме да истраеме на тоа да ги отстраниме причините поради коишто бегалците ги напуштаат своите земји, и тука и натаму се залагам за решение на европско ниво“, заклучи германската канцеларка Ангела Меркел од владејачката Христијанско-демократска унија (CDU) пред средбата со пратениците и челниците на CSU во баварското место Вилбад Крут.
Со тоа Меркел реагираше на барањето на претседателот на CSU, Хорст Зехофер, кој со месеци наназад бара воведување горна граница за бројот имигранти кои влегуваат во Германија, која лани прими рекорден број 1,1 милион баратели на азил, а најголемиот број во земјата влегуваат токму преку нејзината јужна граница меѓу Баварија и Австрија.
„Ние, врз основа на ситуацијата во нашите градови и општини, сметаме дека нема многу време за дејствување“, рече Зехофер пред состанокот со Меркел, истакнувајќи дека од почетокот на 2016 година бројот на имигрантите се движи околу 3.000 дневно.
„Денеска Австрија воведе горна граница и мислам дека и ние мораме нешто да преземеме на национално ниво“, рече Зехофер.
Меркел истакна дека во претстојниот период се планирани бројни меѓународни активности со цел да се реши мигрантската криза од кои и издвои министерските консултации меѓу Германија и Турција во петок, донаторската конференција во Лондон за сириските бегалци во Либан, Турција и Јордан на почетокот од февруари, како и самитот на ЕУ кон средината на февруари на кој тема ќе бидат бегалците.
„По тоа ќе можеме да погледаме наназад и да подвлечеме линија, и да видиме на што сме и како натаму“, додаде Меркел.
Во врска со средбата со пратениците на CSU, која на сојзуно ниво со CDU која ја води Меркел ја сочинуваат владејачката Унија CDU/CSU, канцеларката најави дека разговорите, и покрај разликите, сигурно ќе бидат отворени.
„Разговорот, особено во вака тешки времиња, е од голема важност, па дури и кока немаме заедничко мислење“, заклучи Меркел./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.