Европа
Меркел сака да го ограничи доаѓањето на бегалците, но и отворени граници на ЕУ
Германската канцеларка Ангела Меркел, чијашто политика на доселување на критикуваше и нејзината баварска сестринска партија, а е под нов притисок поради новогодишните сексуални напади врз стотина жени во Келн судејќи според сé од страна на имигрантите, изјави во средата дека сака да го ограничи доаѓањето на бегалците, но и да ги држи отворени границите на Европската унија.
Ангела Меркел, којашто во ноември одбележа цела деценија на канцеларската должност, ја започнува 2016 година под нови притисок од сопствената конзервативна Христијанско-демократска унија (CDU) и особено сестринската Христијанско-социјална унија (CSU) која е ограничена на Баварија, јужната германска покраина којашто е најоптоварена со влезот на бегалците, кои сакаат да се ограничи приливот на баратели на азил чијшто број достигнал 1,1 милион лица во текот на 2015 година, како што соопшти во средата Сојузното биро за миграции и бегалци.
„Мене ми е многу важно да постигнеме значително намалување на приливот на бегалците…, а истовремено да ја зачуваме слободата на движењето на луѓето во рамките на Европската унија“, изјави Меркел за новинарите на годишната конференција на сестринската CSU.
Тоа слободно движење во 26 земји членки на Шенген зоната кои немаат внатрешни контроли на границите беше „моторот на економскиот развој и напредокот“, рече германската канцеларка.
Сепак, Данска, северниот сосед на Германија, воведе привремени гранични контроли во понеделникот стравувајќи таа да не стане нова конечна дестинација на бегалците, откако Шведска воведе контроли на данската граница за да го намали приливот на бегалците.
Меркел не се согласува со предлогот што претходно го даде челникот на CSU, Хорст Зехофер, во 2016 година бројот на новодојдените имигранти да се ограничи на 200.000, што би претставувало една петина до пристигнатите во 2015-та.
„Постојат бројни различни гледишта. Тоа денеска веројатно нема да се промени“, изјави Меркел на конференцијата во баварските бањи Вилдбад Креут, пренесува агенцијата DPA. Истакнала дека сака „опипливо намалување“ на бројот на пристигнувањата, но не ја поддржала бројката којашто ја предлага CSU.
Зехофер и другите челници на неговата конзервативна партија инсистирале дека ограничувањето е потребно за , од една страна, да се намали оптоварувањето на јавните финансии, а, од друга страна, да се осигури успешна интеграција на доселениците.
Власта и инфраструктурата во сојузната покраина Баварија, седиштето на CSU, во прв ред се погодени од масовниот бегалски бран, бидејќи најголемиот број од оној милион бегалци влегле минатата година во Германија токму преку Баварија.
Меркел е и под дополнителна агресија поради масовните напади врз жените на новогодишната ноќ во Келн, и во помал обем во Хамбург и Штутгарт, што ја скандализираше Германија.
„Доколку барателите на азил и бегалците повторуваат такви агресии, тоа мора да води кон моментално укинување на нивниот престој во Германија“, изјави Андреас Шеуер од CSU, пренесува AFP. Полицијата и власта во Келн се обвинети во средата дека не биле подготвени кога се случиле нападите во центарот на градот, иако силите на редот биле во близината, додека на сојузно ниво се говори дека станува збор за нов облик на криминалот.
Германските власти безуспешно истакнуваат дека засега нема никаков елемент да се тврди дека во нападите учествувале бегалците, но другата страна истакнува дека нападнатите жени и некои полициски извештаи сведочат дека напаѓачите биле со северноафрикански или арапски изглед./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.