Европа
Меркел се надева дека Русија не ‘фрла око’ кон Молдавија
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во четвртокот дека ги поддржува молдавските напори за јакнење на врските со Европа и дека „се надева оти рускиот претседател Владимир Путин нема исти планови со Молдавија“, што предизвика остра реакција од Москва.
Германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес-конференција во Берлин со Клаус Иоханис, претседател на Романија која има покровителски однос кон поранешната советска република Молдавија, на прашањето дали смета дека Москва „фрлила око на Молдавија“ одговори „Се надевам дека не“.
„Германија и Романија се чувствуваат политички многу поврзани со Молдавија и ќе ја поддржат новата проевропска влада на Чирил Габурици“, изјави Меркел.
Молдавија, една од најсиромашните држави во Европа, сместена меѓу Украина и Романија, под водство на владата во Кишинев ланскиот јуни го ратификуваше политичкиот и трговскиот договор со Европската унија, со што ѝ го сврти грбот на Европската царинска унија којашто ја предводи Русија.
„Има многу мали чекори кои покажуваат дека Молдавија е наш близок партнер“, изјави Меркел потсетувајќи на напорите на ЕУ со цел да го ублажи влијанието врз молдавската економија од забраната за увоз на вино и храна од Молдавија што ја воведе ланскиот август Русија, како одговор на нејзините обиди да се приближи на ЕУ.
Според романскиот претседател Иоханис, „во овој момент не постојат сигнали“ дека Русија би можела да се вмеша во Молдавија.
Меркел и Иоханис изјавија дека кризата во Украина го насочила вниманието на ситуацијата во Приднестровје кое бара независност и поради големата руска заедница се залага за блиски врски со Русија.
Британскиот премиер Дејвид Камерон претходно седмицава предупреди дека Русија „би можела да ги дестабилизира другите земји во источна Европа доколку не наида на отпор поради нејзината политика кон Украина“. „Следната на ред ќе бид еМолдаваија или една од балтичките земји“, рече Камерон.
Приднестровје, или Трансднестрија, каде што главно живеат Руси, русофони и Украинци, во 1990 година, пред распадот на СССР се отцепи од советската република Молдавија, стравувајќи од тенденциите на оваа земја, каде што официјален јазик е романскиот – да се присоедини кон Романија. По две години избувна кусиот судир. Во војната која избувна во овој регион во 1992 година загинаа околу 1.500 лица.
Оттогаш, практично Приденстровје е независно иако не е признато од ниедна држава, а меѓународната заедница го смета за составен дел од Молдавија, земја со 3,5 милиони жители меѓу Романија и Украина.
Рускиот баталјон со 400 припадници беше испратен по вооружениот конфликт од 1992 година меѓу Молдова и Приднестровје, како дел од меѓународните мировни сили, во кои се вклучени и воени набљудувачи од Молдова и од Украина.
Парламентот во Приднестровје кон средината на април 2014 година поднесе барање до рускиот парламент и претседателот на Руската Федерација да започнат процедура за признавање на независноста. Одлуката се заснова врз резултатите од референдумот од 2006 година кога дури 97 отсто од гласачите ја поддржале независноста на Приднестровје како и барањето за присоединување кон Русија./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.