Европа
Могерини забележа ’волја’ на Русија да се реши украинската криза
Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Федрика Могерини, во средата изјави дека таа и украинскиот претседател Петро Порошенко забележале знаци дна засилена волја на Русија да се разреши кризата со одметнатите рускојазични региони на истокот од земјата.
Украинскиот претседател Петро Порошенко, меѓутоа, изјави дека Украина се наоѓа во „стварна состојба на војна“ со Русија и порача дека ќе работи на интегрирањето на својата земја во „евроатлантскиот безбедносен сојуз“, алудирајќи на сојуз со НАТО предводен од САД, на што Москва одлучно се спротиставува.
„Украина е денеска во стварна војна со Русија. Русија го анектираше Крим, Илегални вооружени групи под контрола на нашиот источен сосед ги засилуваат вооружените активности на истокот од земјата“, изјави Порошенко во текот на посетата на Полска.
Претпазливите изјави на Могерини се совпаѓаат со изјавите на американскиот државен секретар Џон Кери кој во вторникот изјави дека Русија сторила конструктивни потези за намалување на напнатоста во Украина, каде по бунтот на рускојазичното населени од април во судирите на двете страни загинале повеќе од 4.700 луѓе, според ОН.
„Го споделуваме впечатокот дека постојат елементи коишто ни даваат право да веруваме дека на руската страна, на страната на претседателот Владимир Путин, постои малку повеќе волја во врска со решавањето на судирот“, изјави Могерини.
Шефицата на европската дипломатија во Киев разговара со претставниците на прозападните власти за нивниот пристап на судирот кој ја предизвика најлошата криза во односите на Русија и Западот од крајот на Студената војна и за напредокот во примената на економските реформи во склад со договорот за слободна трговија./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.
Европа
Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план предложен од Украина е бесмислен бидејќи се заснова на неприфатливи идеи како што е повлекувањето на Москва од териториите што ги окупирала.
Во интервју за московскиот весник „Известија“, Лавров рече дека мировниот самит предложен од Украина нема да успее додека не се променат неговите основни постулати, вклучително и тоа дека на него треба да биде дозволено учество на Русија.
„Во секој случај, ние сме подготвени да разговараме, но не врз основа на „мирната формула“ на Зеленски“, рече Лавров.
Тој, исто така, се прашуваше како некој сериозен политичар во Вашингтон, Брисел, Лондон, Париз или Берлин „може да каже дека нема алтернатива за формулата на Зеленски“.
Лавров ги отфрли како неприфатливи одредбите од украинскиот мировен план, со кои, меѓу другото, се бара Русија да се повлече од териториите што ги окупираше, вклучувајќи го и Крим, анектиран во 2014 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски отфрла каква било помисла за преговори со Москва на која било основа освен мировен план, забележува Ројтерс.
Лавров рече дека се сретнал со официјални претставници и дипломати од Швајцарија кои го увериле дека мировниот самит, на кој Берн се согласи да биде домаќин, ќе ја вклучи Русија и ќе се одржи под „реални услови“.
„Ние разбираме дека ништо не може да се реши без вас, тоа е неправедно“, ги цитира Лавров зборовите на швајцарските претставници.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.