Европа
Москва: ЕУ се определи да го поддржи военото решение во Украина
Руското министерство за надворешни работи соопшти во саботата дека Москва ќе одговори на новите санкции доколку Европската унија ги воведе, за наводната улога на Русија во конфликтот во Украина, и смета дека челниците на ЕУ откако во петокот во Минск беше потпишан договорот за примирје меѓу прозападните власти во Киев и проруските бунтовници во источниот дел од земјата, со воведувањето на санкциите всушност го подржуваат военото решение во Украина.
Новите санкции коишто ги предвидува Европската унија вклучуваат додавање на уште 24 лица на списокот на оние на коишто со претходните антируски мерки им е забранет влезот во земјите членки на ЕУ и им се замрзната сопственостите. Москва одговори дека со големо внимание го проследила заедничкото писмо на претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, за санкциите против Русија, како и медиумските извештаи за согласноста на Комисијата на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, за новиот сет санкции.
Амбасадорите на 28-те земји членки на ЕУ во петокот навечер во Брисел потврдија дека воведуваат нови санкции против Русија „бидејќи го повредила суверенитетот на Украина“, и покрај постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу украинските сили лојални на Киев и бунтовниците во југоисточните делови од земјата каде што е доминантно рускојазичното население. Текстот би требало да биде доработен во текот на викендот за пишаната процедура за усвојување да може да биде започната во понеделникот наутро. Кога тој официјално ќе биде прифатен, сетот санкции ќе стапи на сила најверојатно во вторник, соопштија дипломатски извори во Брисел.
„Всушност, најавата за претстојното проширување на антируски санкции беше првата реакција на ЕУ веднаш по средбата на Контактната група (за надминување на кризата во Украина) во Минск на којашто беше постигнат договор со кој ќе им се овозможи на сите Украинци да живеат во мир“, се истакнува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Со најавата за новите санкции челниците на Европската унија „испраќаат директен сигнал за поддршка на оние во Киев коишто се залагаат за војна и се незадоволни од резултатите на состанок во Минск“, порача руската дипломатија.
„Наместо трескавично да се ангажираат како да нанесат штети на економиите на своите земји и на Русија, подобро би било челниците на ЕУ да се заложат за поддршка на економското заздравување и на (источниот украински регион) Донбас“, се вели во реакцијата на Москва.
„Кога станува збор за новиот список санкции од страна на ЕУ, доколку тие бидат применети, безусловно се разбира ќе следи и реакција од наша страна“, порача руското министерство за надворешни работи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.