Европа
Москва: Факелната поворка во Киев е континуирано движење кон нацизмот
Поворката на факелите во Украина е демонстрација на континуираното движење на оваа земја кон нацизмот, изјави во петокот претставникот на руското министерство за надворешни работи за човекови права, демократија и владеење на правото, Константин Долгов, откако во четвртокот навечер во украинската престолнина Киев се одржа маршот со факели на илјадници поддржувачи на националистичката партија Свобода по повод 106-годишнината од раѓањето на лидерот на украинските националисти Степан Бандера, при што беа нападнати и ограбени руски новинари за што Киев поведе истрага.
Покрај повеќе илјади поддржувачи на Свобода на маршот во Киев, во четвртокот навечер се одржаа и масовни настани во чест на Степан Бандера и во Л’вов и во Днепропетровск. Во текот на киевскиот марш на факелите украинските националисти ги нападнаа дописничката и снимателот на руската телевизија LifeNews.
„Факелната поворка во Украина претставува демонстрација на континуирано движење по патеката на нацистите! И тоа во центарот на Европа! Очигледно, учесниците се свесни за погрешноста на своите ставови. Инаку, зошто ги напаѓаат руските новинари кои ја извршуваат својата професионална должност? Или тоа е манифестација на ’грижата’ за слободата на изразувањето и ’чистината на зборот’ во Украина?“, напиша долгов на Twitter.
„Тоа претставува грубо системско прекршување на човековите права, спротивно на меѓународните обврски на Украина. Западот има на што активно да ги поучи украинските власти“, додаде Долгов.
Маршот во четвртокот во Киев заврши на прочуениот Плоштад на независноста (Мајдан), каде што со силен екот од барабани масата извикуваше антируски пароли. Станува збор за одбележување на родениот ден на идеологот на украинските националисти кој во текот на Втората светска војна соработувал со нацистичка Германија.
Во 2010 година, прозападниот украински претседател Виктор Јушченко посмртно го одликуваше Степан Бандера со орденот Херој на Украина, но истата година Административниот суд во Донецк го прогласи тој декрет на Јушченко за незаконски. Овој поднесе жалба во Апелациониот сид во Донецк, кој ја потврди одлуката на претходната судска инстанца.
Во петокот Истражниот комитет на Руската Федерација отвори кривично дело поради „попречување на законската работа на новинарите“ LifeNews во Киев, соопшти портпаролот Владимир Маркин.
Во инцидентот во центарот на Киев во текот на маршот на приврзаниците на партијата Свобода неидентификувани лица ја нападнале новинарката Жана Карпенко, соборувајќи ја на земја при што се здобила со повреди на главата, а притоа и’ бил украден и мобилниот телефон. Напаѓачите, исто така, му ја земале камерата на снимателот и ја скршиле, пренесоа руските и украинските медиуми.
„Покренато е кривично дело за попречување во извршување на законска работа на новинарите на Life news во градот Киев, како и за кражба на нивната сопственост“, изјави за руските медиуми Маркин додавајќи дека се свесни оти и истражните органи во Украина покренаа дело во врска со истиот случај, но и дека руските органи се исто така свесни дека сегашните украински власти ги „симпатизираат поддржувачите на ваквите настани“.
„Имаме сериозни причини да веруваме дека подигнувањето на кривично дело од страна на Министерството за внатрешни работи на Украина е само формалност, како сомневања и дека некои од напаѓачите, а не пак од нарачателите, ќе понесат сериозна одговорност за ова злосторство“, рече Маркин.
Степан Бандера е еден од основачите на Украинската востаничка армија (УПА) во 1942 година, којашто дејствувала главно во западниот дел на Украина и војувала како против германските сили, така и против Светската армија. Сепак, раководството на тогаш создадената Организација на украинските националисти (ОУН) не препорачало „да се впушта во борби со големите германски сили“. Во 1943 година бил постигнат договор меѓу германските нацистички власти и ОУН, дека УПА ќе ги чува железниците и мостовите од советските партизани, и ќе им дава поддршка на германските окупациски власти. За возврати Германија го обезбедувала вооружувањето на УПА, и ветила дека по победата над тогашниот СССР, ќе овозможи создавање на Украинска држава под протекторат на Германија.
По завршувањето на Втората светска војна Степан Бандера живеел во Минхен, во тогашна Западна Германија, од каде што раководел со терористички активности на ОУМ и УПА на територијата на тогашниот Советски сојуз./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.
Европа
(Видео) Катастрофални поплави во Русија, куќи под вода, илјадници евакуирани
Поради последиците од големите поплави, во Русија се поплавени околу 18.000 домови, додека реката Тобол во областа во близина на границата со Казахстан се заканува да се искачи на рекордно ниво. Државната новинска агенција Тасс објави дека од вчера се поплавени уште 1.700 куќи. Илјадници луѓе се евакуирани во последните неколку дена.
Massive flood after the water level in the Ural River risen in Orenburg, Russia 🇷🇺 (13.04.2024)
TELEGRAM JOIN 👉 https://t.co/9cTkji5aZq pic.twitter.com/SXxuuoAmI1
— Disaster News (@Top_Disaster) April 13, 2024
Регионот Оренбург јужно од планината Урал и регионот Курган во Сибир беа најтешко погодени од катастрофални поплави во близина на јужната граница со Казахстан. Во главниот град на регионот, Курган, реката Тобол порасна за метар и половина за само 24 часа. Курган се подготвува за рекорден водостој и за големи поплави, изјави министерот за вонредни состојби Александар Куренков, кој рече дека нивото на водата се зголемува и во блиската област Тјумен во Сибир.
1/10🌊🇷🇺 #RussiaIsCollapsing
While the Russians fight in #Ukraine 🇺🇦, #Russia is sinking
📍#Kurgan the risk of another dam failure is high
As in #Orenburg & #Orsk, residents leave their homes, leaving dogs chained to deter looters. They won’t survive it. #floods #Rosja #Russie pic.twitter.com/JMURpr5Rbv
— 𝐀𝐧𝐧𝐚 𝐊𝐎𝐌𝐒𝐀 | 🇪🇺🇫🇷🇵🇱🇺🇦 (@tweetforAnna) April 18, 2024
Во моментов има приближно 94 села каде живеат 34.000 луѓе во опасност од поплави. Во четвртокот властите евакуираа 1.500 луѓе од Тјумен и ги транспортираа на безбедно. По обилните дождови и невообичаено снежната зима, Русија оваа година се бори со исклучително тешки сезонски поплави.
Жителите на погодените подрачја ги обвинуваат властите дека доцна преземаат мерки за нивна заштита и дека не реагираат доволно брзо. Слични поплави ги погодија областите преку границата во соседен Казахстан, каде властите претходно почнаа да ги евакуираат луѓето. Досега од таа област се евакуирани повеќе од 100.000 жители.