Европа
Москва: Изјавите на челникот на НАТО за хуманитарниот конвој се уште една лага
Москва ја квалификува како невистинита изјавата на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, дека рускиот хуманитарен конвој влегол во Украина без согласност на Киев и без учество на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, објави во саботата министерството за надворешни работи на Руската Федерација.
Москва ја квалификува како невистинита изјавата на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, дека рускиот хуманитарен конвој влегол во Украина без согласност на Киев и без учество на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, објави во саботата министерството за надворешни работи на Руската Федерација.
„Во својата изјава, исполнета со неосновани обвинувања (од типот на ’руско вооружено вмешување’), Расмусен нé обвинува и за тоа дека хуманитарниот конвој влегол во Украина ’без согласност на украинските власти и без какво и да е учество на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC)’. Тоа е уште една лага“, се наведува во писмената изјава на руската дипломатија што ја цитираат руските медиуми.
Во соопштението се истакнува дека „согласноста на Киев беше добиен со нотата на Министерството за надворешни работи на Украина од 12-ти август на пограничниот премин ’Донецк’ (истоимениот премин на руска територија) повеќе од една седмица работеа украинските цариници и припадници на пограничната полиција“.
„Што се однесува до Меѓународниот комитет на Црвениот крст, …. доколку во НАТО навистина се заинтересирани за вистината за тоа како се одвиваше испораката на руската хуманитарна помош, вклучително и нивото на ’вклученост’ или ’неинволвираност’ на ICRC, им препорачуваме да се обратат во седиштето на организацијата“, се наведува во руската изјава по повод изјавите на Расмусен.
Генералниот секретар на НАТО во петокот навечер, откако конвојот од 287 руски камиони со хуманитарна помош за цивилното население во источниот украински град Луганск, кој е под контрола на тамошните проруски бунтовници влегоа на украинска територија, ја осуди Русија поради „таканаречен хуманитарен конвој“ кој влегол без согласност од Киев. „Влегувањето на тој конвој без украинско одобрување и никаква врска со Меѓународниот комитет на црвениот крст претставува очигледно кршење на меѓународните обврски од Русија и дополнително руско кршење на украинскиот суверенитет“, беше наведено во писменото соопштение на Расмусен.
„Тоа само ќе ја продлабочи кризата во регионот. Непочитувањето на меѓународните хуманитарни принципи укажува на нови прашања за вистинската цел на тој конвој, особено дали станува збор за помош на цивили или транспорт на опрема за вооружените сепаратисти“, додаде Расмусен.
Според него минувањето на конвојот „коинцидира со големата ескалација на руско вмешување на истокот од Украина, до средината на август, вклучувајќи и користење руски сили“. Од НАТО на почетокот од август изјавија дека забележале зголемување на бројот руски војници по должината на границата со Украина кој надминал од 12 илјади кон средината на јули до 20 илјади и во тоа гледа опасност. Москва тогаш одговори дека има легитимно право да размести засилување на својата страна од границата, имајќи предвид дека на самата гранична линија се водат борби, регистрирани се гранатирања на руска територија од украинската во што имаше и жртва и ранети, како и постојаното преминување на украински војници на руска територијата кои од различни причини ги напуштаа позициите на боиштето.
НАТО претходно во врска со хуманитарниот конвој ги изнесе своите стравувања дека Русија под изговорот за хуманитарна мисија би можела да испрати војници во источна Украина. Властите во Киев, пак, по цела седмица контроверзни соопштенија околу проверките на товарот во конвојот и дали е дадена или не дозвола за негово влегување во Украина, откако почнаа да влегуваат првите камиони од конвојот соопштија дека тоа е сторено без нивно одобрување и дека Русија извршила „директна инвазија“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.