Европа
Москва разочарана и загрижена од разгорувањето на судирите во Украина
Русија е крајно загрижена поради интензивирањето на судирите во источна Украина и тоа го поттикна претседателот Владимир Путин да му напише писмо на украинскиот колега Петро Порошенко уше во четвртокот и да му предложи повлекување на тешкото вооружување од боиштето, како што впрочем е договорено со ткн Минска спогодба од ланскиот септември, но Киев го одбил овој предлог.
„Крајно не’ загрижува развојот на настаните. Во Донецк продолжува да се бомбардираат станбените објекти со цивилни жртви“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков за руските агенции истакна дека, за жал, украинската страна го отфрлила планот за повлекување на линијата на раздвојување на триесет километри во широчина од линијата на судирот, како што беше предвиден со договорот за прекин на огнот од Минск од почетокот на септември, и не понудила никакво предлог за решение.
Русија, исто така, е подготвена заедно со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да организира контрола на почитувањето на прекинот на огнот, се додава во изјавата на рускиот претседател Путин од неделата по информациите за тешките гранатирања на аеродромот, кој делумно е под контрола на украинската војска, и на центарот на Донецк, при што и двете страни јавуваат за повеќе нови жртви.
„Предлагам двете страни, како украинските безбедносни сили така и милициите на Донбас (силите на самопрогласените рускојазични ткн народни републики во Донецк и во Луганск – з.р), да преземат неодложни мерки за прекин на меѓусебните напади, како и итно повлекување на страните во конфликтот на оружјето со калибар од повеќе од 100 мм на оддалеченост утврдена со Минскиот меморандум од 19-ти септември 2014 година“, врз основа на податоците од фактичката линија на разграничување согласно приложената мапа“, се додава во изјавата на Путин.
„Од друга страна, ние сме подготвени да работиме заедно со ОБСЕ на организирање на контролата на спроведувањето на овие чекори“, се вели во документот кој беше прочитан во неделата навечер на руската државна телевизија.
Судирите во источна Украина се интензивираа последната седмица. Регистрирани се повеќе десетици цивилни и воени жртви, што упатува на тоа дека се подготвува општ судир на целата линија на боиштето како во летото 2014 година, но сега украинските сили се отфрлени над стотина километри поназад од териториите коишто ги зазедоа во минатиот април.
Москва претходно предупредуваше дека предавањето на ново оружје, во авиони, тенкови и оклопни возила од страна на украинскиот претседател Петро Порошено на гарнизоните во источна Украина , како и најавените пет мобилизации, ја навестува решеноста на Киев да оди на воено решение на конфликтот со југоисточните рускојазични региони./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на Телеграм: „Се повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во моментов не се планира блокирање на социјалната мрежа Телеграм во Русија.
„Не, во моментов нема такви планови“, изјави Песков за каналот Шот на прашањето дали Русија планира да го блокира Телеграма.
Тој додаде дека основачот на таа платформа Павел Дуров треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација, се повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Како што изјави во средата за РИА Новости, извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на Телеграм, Глас Хорасан, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на Државната дума од Обединета Русија Олег Морозов денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на Телеграм кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, „варварска“ кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне Цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле „масакрите“ во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа Запорожје и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментов разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата „варварска“ кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
Во недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа прилика партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови кои гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според Ројтерс, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара, ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, додека анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Излезноста на општите и локалните избори е многу висока во Турција, близу 90 проценти. Минатиот мај, Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според Ројтерс, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 градови во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, додека буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. Во недела, Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата, за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.