Европа
На местото на автобуската несреќа во Франција откриено и тело на дете
Бројот на жртвите од сообраќајната несреќа во којашто во петокот утрото директно се судрија автобус и камион во југозападна Франција, се искачи на 43 загинати, откако на местото на трагедијата било пронајдено тело на детенце, пренесува во телевизијата BFMTV.
Според сознанијата на телевизијата од полициски извори, телото на детето, чијашто возраст не е прецизирана освен дека станува за мала возраст, било пронајдено во кабината на товарното возлило.
Судирот се случил околу 7,30 часот во петокот утрото, кога автобусот со кој патувале повозрасни лица кои оделе на излет во Ланде, малку појужно од Либурн во департманот Жиронд во југозападна Франција, директно се судрил со камион, по што двете возила се запалиле. Несреќата се случила во близина на местото од коешто тргнале, Пти-Пале-е-Корнам, на кривина којашто се смета за опасна/
Претходно беше објавено дека загинаа 41 патник, од вкупно 49 во автобусот, и возачот на камионот. Некои од патниците успеале да излезат од запалениот автобус. Вкупниот број преживеани од несреќата е осум, меѓу кои е и возачот на автобусот. Од нив четворица се со тешки повреди, како изгореници и повреди на черепите.
Најголемиот број од жртвите се доста возрасни лица, членови на локалниот клуб „Сlub du Petit Palaisien“, жители на општината Пти-Пале-е-Корнам, која има малку повеќе од 700 жители, како и од некои од соседните општини и гратчиња. Градоначалничката на општината, Патрисија Решини, во несреќата загубила тројца членови на семејството.
Досега не се утврдени точните околности на судирот, а познато е само дека возачот на автобусот не можел да го избегне директниот судир со камионот, кој од непознати причини се движел на спротивната коловозна лента.
Оваа несреќа е најголемата сообраќајна несреќа во Франција од 1982 година, кога во инцидент на патнички автобус недалеку од Бон загинаа 53 лица, од кои 44 беа деца./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.