Европа
На претседателските избори во Молдавија води прорускиот кандидат Игор Додон
Кандидатот на Социјалистичката партија Игор Додон по пребројаните 75 отсто од избирачкиот материјал води на првите директни претседателски избори во Молдавија во последните 20 години, пренесе во неделата вечерта агенцијата DPA повикувајќи се на молдавската изборна комисија и тамошните медиуми.
„Игор Додон освоил 51,39 отсто или 459.034 гласови, Маја Санду 35,25 или 314.844 гласа“, соопшти државната изборна комисија на Молдавија во неделата навечер по преброените 75,06 отсто од гласачките ливчиња. Одѕивот на изборите изнесувал 48,91 отсто од вкупниот број гласачи.
Првите непосредни претседателски избори во Молдавија се одржаа по две децении во неделата. За победа во првиот изборен круг, на кандидатот му се потребни 50 отсто плус еден глас. Инаку на овие избори се кандидираа девет претенденти за шеф на државата.
Овие резултати покажуваат дека Игор Додон, чијашто Социјалистичка партија иднината на земјата ја гледа во блиско партнерство со Русија, може уште во првиот изборен круг да ја порази пророманската или проевропска кандидатка Маја Санду.
Сместена меѓу Романија и Украина, Молдавија е една од најсиромашните земји во Еропа. Податоците на Светската банка покажуваат дека 41 отсто од населението живее се пет американски долари дневно. За повеќето жители, постепеното отворање на европските пазари за молдавските производи не го компензирало губењето на големиот руски пазар, иако извозот кон Европската унија пораснал на две милијарди евра во последните две години.
Додон, поранешен министер за економија во владата којашто ја водеа молдавските комунисти, вети „повторно воспоставување на стратешкото партнерство со Русија и поништување на економскиот пакет од договорот за придружувањето на ЕУ“.
„Не сум против Европската унија“, изјави Додон во текот на кампањата оценувајќи дека „во интерес на Молдавија е спроведувањето на реформите коишто ги бара Брисел, особено во областа на правосудството“.
Санду, кандидатка на пророманската кандидатка на опозицискиот десен центар и поранешна министерка за образование, вети дека доколку победи на изборите ќе направи „европска Молдавија“. „Се залагаме за патот на европските интеграции, бидејќи во рамките на ЕУ ја гледаме вистинската демократија и прогресот за сите оние кои работат“, изјави Санду во предизборната кампања.
Главната тема на молдавските претседателски избори беше приближувањето со Русија или кон Европската унија. За обновување и зајакнување на врските со Москва, покрај Додон, се залагаше и кандидатот на Наша партија, Дмитриј Чубашенко, додека другите кандидати ги поддржуваа евроинтеграциите.
Молдавија последен пат избираше шеф на државата во 1996 година, а оттогаш членовите на парламентот го избираа претседателот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.