Европа
Над половина од британските конзервативци го поддржуваат „Брегзитот“
Повеќе од половината од членството на владејачката Конзервативна партија се подготвени да гласаат за излегувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит), изјави во неделата за телевизијата Sky News челникот на движењето „Конзервативците за Британија“, пратеникот Стив Бејкер.
„Сметам дека повеќе од половината од членовите на Конзервативната партија се наклонети за излегување“ од Европската унија, изјави конзервативниот пратеник Стив Бејкер.Во својот коментар претходно во весникот Financial Times, Бејкер истакна дека премиерот Дејвид Камерон мора да им дозволи на „членовите на владата самостојно да го изразат своето мислење“ по прашањето на судбината на членството на Велика Британија во ЕУ.По завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел во четвртокот и петокот, Камерон изјави дека страните оствариле напредок во преговорите за постигнување договор кој ќе го задоволи Лондон и ќе ѝ овозможи на владата да го поддржи останувањето на Британија во Унијата на референдумот кој според неговото ветување треба да се одржи до крајот на 2017 година. Сепак, призна дека претстои уште многу работа.„Постигнавме значителен напредок и направивме исчекор кон постигнувањето на договорот за важните и амбициозни реформи, кои ги предложив“, рече британскиот премиер.Лондон поставува четири главни барања за реформи во ЕУ, како нејзино признавање како сојуз со повеќе валути, зголемување на конкурентноста на земјите членки, проширување на овластувањата на националните парламенти и заострување на законите за имиграција, особено четиригодишно оневозможување на пристап до британскиот социјален систем на работниците кои доаѓаат од другите членки и нивно враќање доколку во одреден период не најдат работ. Притоа, британските функционери напомнаа дека доколку се постигне договор, не е исклучено референдумот да се одржи уште во почетните месеци од 2016 година. Организацијата „Конзервативците за Британија“ се залага за промена на односите со Брисел и инсистира на сериозни реформи на основниот договор за Европската унија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.