Европа
Најмалку 87 украински војници убиени во борбите за Иловајск
Најмалку 87 украински војници се убиени во судирите крај Иловајск во побунетиот проруски Донецки регион откако Киев ја отфрли можноста да се искористат ткн хуманитарни коридори што ги предложи рускиот претседател Владимир Путин а ги прифатија бунтовниците, пренесе во средата агенцијата Интерфакс Украина.
„Последните два дена довезени се тела на 87 загинат војник во околината на Иловајск, повеќето доброволци“, изјавил за агенцијата Михаил Логвинов, воен офицер од регионот Запорожје, соседен со побунетиот Донецки регион.
Дваесетина километри оддалечено од Донецк, за контрола врз стратешкото место Иловајск повеќе две седмици се бореа украинските сили лојални на прозападните власти во Киев и проруските бунтовници. Војниците на бригадата „Донбас“ на украинската армија влегоа во Иловајск на 19-ти август во намерата да тргнат во освојување на бунтовничкиот центар Донецк и да ја пресечат неговата врска со другото бунтовничко упориште Луганск, но беа опколен откако силите на самопрогласената Народна Република Донецк тргнаа во контраофанзива за да ја осуетат новата воена тактика на украинскиот претседател Петро Порошенко. Украинските војници кај Иловајск, така се најдоа осум дена во целосно опкружување на бунтовничките сили.
Рускиот претседател Владимир Путин ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица од бунтовниците побара да отворат хуманитарен коридор за опколените украински војници за да се избегнат непотребните човечки жртви и да им се овозможи да се извлечат до југоисточните региони. Бунтовничкиот челник Александр Захаречнко ја прифати оваа „сугестија“, но политичките челници во Киев не се согласија со понудата.
Истовремено во средата советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Зорјан Шкирјак изјави дека украинските специјални сили кои од почетокот на април во источниот дел од земјата ја спроведуваат ткн „антитерористичка операција“ ќе ја променат тактиката на дејствување во регионот познат под заедничкиот назив Донбас.
„Секое тактичко повлекување, за да се сочуваат животите на луѓето не значи пораз,. Понекогаш е неопходно да се отстапи, за да се сочуваат животите на луѓето, да се направи добра подготовка и да се нанесе решавачки контраудар. Сега се спроведува прегрупирање на силите на ’антитерористичката операција’ и зајакнување на одбранбената линија. Се очекува измена на тактиката при извршувањето на борбените дејствија“, напиша Шкирјак на својата страница на Facebook во средата навечер, пренесе РИА Новости.
Претходно во средата портпаролот на Советот за национална безбедност и одбрана (СНБО) на Украина, Андреј Лисенко, изјави дека во зоната на спроведување на борбените операции во источните делови на земјата е регистрирано намалување на интензитетот на борбените активности. Тој во понеделникот навести дека украинските власти ја разгледуваат можноста за „промена на форматот на воената операција“ на истокот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“, повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува Танјуг.
Полицијата во моментов спроведува истрага со проверка на робата во продавниците, поради што се уште не се знае конечната количина на дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.