Европа
НАТО ја осудува Русија поради Украина, и во Донецк склучено примирје
Министрите на надворешни работи на земјите членки на НАТО во вторникот остро го осудија наводното мешање на Русија во судирот во источна Украина и со сомневање ги дочекаа најавите за примирјата коишто претходно во вторникот беа потпишани во областите коишто се под контрола на рускојазичните бунтовници.
По размената на мислењата на текот на видеоконференцијата со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, 28-те шефови на дипломатиите на земјите од алијансата ја осудија Русија поради, како што тврдат, постојаната дестабилизација на источна Украина и побараа од Москва да се откаже од црноморскиот полуостров Крим, со доминантно руско население коешто откако со безредијата во Киев на власт во Украина дојдоа прозападните сили во март годинава со референдум си ја поврати укинатата автономија и изгласа присоединување кон Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.
Русија решително одрекува секаков вид учество во конфликтот во источна Украина и бара докази за таквите обвинувања, но министрите од НАТО велат дека се увериле во тоа, и оценуваат дека тоа има тешки последици врз стабилноста и безбедноста на целата евора-атлантска зона.
НАТО повторно ја повика Русија да го искористи своето влијание врз рускојазичните бунтовници коишто самопрогласија ткн Народни републики во Донецк и во Луганск и засега одбиваат да се вратат во рамките на Украина чии прозападни власти не ги признаваат за легитимни за да ги прекинат наводните напади, кои сепак според извештаите на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) говорат дека Киев, исто така, трупа војски во источна Украина и дека неговите сили артилериски ги гранатираат градовите кои се под контрола на бунтовниците.
Инаку претходно во вторникот ОБСЕ објави дека бунтовниците од Луганкс и во Донецк постигнале примирје со претставниците на украинската армија коешто треба да стапи на сила на 5-ти декември, а повлекувањето на тешкото вооружување од линијата на раздвојување на двете војски од 6-ти декември, што во НАТО е дочекано со сомневања,
„Не е јасно дали станува збор само за најава или за неа има основа“, коментираше германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер на разговорите во Брисел. „Доколку биде потврдено, тоа би била добра вест“, изјави новата шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини. „Во сите примирја, најважно е нивното покренување“, предупреди за AFP функционер на НАТО кој барал да остане анонимен.
Рускојазичните бунтовници и украинските воени власти во вторникот доцна попладнето објавија дека постигнале договор за прекин на судирите на територијата на меѓународниот аеродром крај Донецк, кој делумно го контролираат и двете судрени војски.
Владата и бунтовниците претходно во вторникот претпладнето склучија ист договор за примирје во Луганс, што го потврдија и ОБСЕ и челникот на рускојазичните бунтовници Игор Плотницки.
Генералите Володимир Аскаров и Александар Ленцов, кои ги преставуваа украинската односно војската на рускојзаичните одметнати региони, коишто претпладнето го договараа примирјето во Луганск, попладнето повторно се сретнаа зад затворени врати во Донецк, а на состанокот присуствуваа и претставници на ОБСЕ и на самопрогласената Народна република Донецк, пренесуваат агенциите.
Аналитичарите на двете страни сметаат дека е прерано да се извлекуваат заклучоци за тоа дали судирите конечно ќе престанат. Повеќето се скептични по ова прашање. „Немаме преголеми надежи кога станува збор за денешните договори. Мислам дека ќе минат исто како и оние коишто беа потпишани на 5-ти септември во Минск“, коментираше за Reuters Олескиј Мелник од киевскиот Центар Разумков./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.