Европа
Норвешка привремено го запре протерувањето на имигрантите во Русија
Норвешка во саботата објави дека на барање на Москва „привремено“ го прекинува спорното враќање на имигрантите во арктичката област на Русија.
Норвешката полиција во вторникот со автобус ја превезе првата група од 13 имигранти на руска територија врз основа на неодамнешната одлука на владата на лицата кои легално престојувале во Русија таму да бидат вратени по итна постапка, без да го проучува нивното барање за азил.
Осло поради ваквите мерки беше остро критикуван од невладините организации и од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), кои изразија загриженост дека тие лица на руската територија може да бидат препуштени самите на себеси на поларна температура или потоа да бидат депортирани во нивните ризични земји.
Десничарската влада на Норвешка, во којашто учествува популистичката антидоселеничка партија, се бранеше истакнувајќи дека Русија е „сигурна“ земја.
„Руското министерство за надворешни работи во петокот стапи во врска со норвешките власти во врска со враќањето на барателите на азил преки Сторски“, граничниот премин меѓу Русија и Норвешка на крајниот север, соопшти норвешката дипломатија.
„До поинаквата одлука, нема да има нови враќања преку Сторски. Руските погранични власти сакаат подобра координација за тие враќања“, се додава во соопштението на норвешкото министерство за надворешни работи без други поединости.
Според норвешката телевизија NRK околу 80 бегалци во камп на северот од земјата чекаат решение за нивната судбина. Полицијата ги уапсила во петокот, што според тамошните закони значи дека треба да бидат протерани од земјата во рок од три дена.
Шефот на норвешката дипломатија Борге Бренде од Давос за телевизијата изјави дека Русите „се повикаа на безбедносни причини“, исто така, без да наведе поединости.
Минатата 2015 година околу 5.500 имигранти, од Сирија, Авганистан, Пакистан, Иран, Ирак Индија, Непал и други земји, преку ткн арктичка рута преку Мурманск, влегле во Норвешка од Русија. Норвешките власти веќе објавија дека повеќето од нив ќе бидат вратени, бидејќи доаѓаат од земи каде што нема воени дејствија или имаат некој вид на престој во Русија./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.