Европа
Нови 10 украински војници убиени во заседа
Најмалку десет украински војници се убиени во петокот во заседа на проруските бунтовници во близина на местото на падот на малезискиот авион МН17, потврди во петокот украинската армија.
Во нападот на бунтовниците врз конвој на украинските сили кај Шахтарск крај Донецк во петокот претпладнето животите ги загубиле и четворица проруски бунтовници, изјави портпаролот на воената операција што армијата ја спроведува во источна Украина, Алексеј Дмитрашковски, пренесува DPA.Претходно во петокот претставниците на самопрогласената Народна Република Донецк за РИА Новости изјавија дека, покрај десетте убиени украински војници, уништиле повеќе од 30 оклопни возила на украинската армија, како и дека заробиле тројца војници на моторизираната бригада. Претходно Дмитрашковски ги потврди и информациите на украинските медиуми дека ноќта кон петокот, исто така, крај градот Шахтерск во минофрлачки и тенковски оган загинале 21 припадник на падобранско диверзантска единица на украинската армија. „На 31-ви јули северно од градот Шахтерск имаше борби (…) За жал, украинските десантни сили имаа загуби. Загинаа десетина украински војници“, се вели во соопштението на прес-центарот на украинската воена операција.Околу 70 припадници на холандските и австралиски полициски истражни тимови првпат пристигнаа на местото на несреќата на малезискиот патнички авион по неколкуте неуспешни обиди поради судирите за кои се обвинуваат меѓусебно двете страни. Според меѓународните експерти, пронајдени се неколку посмртни останки. Во меѓувреме украинскиот претседател Петро Порошенко потпиша во петокот договори со Холандија и со Австралија за испраќање на 950 вооружени полициски истражители на местото на несреќата кое безуспешно цела седмица се обидува да го заземе украинската војска, пренесе Reuters. Тоа предизвика остри реакции кај бунтовниците. „Ова е воена интервенција и ние ќе се браниме од неа“, изјави еден од челниците на проруските бунтовници Андреј Пургин./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.