Европа
Објавена потeрница по тројца осомничени за нападот врз Charlie Hebdo
Француските правосудни органи во четвртокот објавија потерници по тројца осомничени за нападот врз редакцијата на францускиот сатиричен неделник Charlie Hebdo, пренесува агенцијата AFP повикувајќи се извори блиски на истрагата.
Двајца на бараните се браќа на возраст од 32 и 34 години, од кои еденот бил претходно предмет на интерес на француските безбедносни служби поради наводно учество во мрежа којашто регрутирала исламски радикали за борбите во Ирак. Третиот осомничен е 18 годишен тинејџер. Во средата француските весници објавија дека станува збор за браќата Саид и Шериф Каши и нивниот соучесник Хамид Мурад.
Француските медиуми пишуваат, исто така, дека ноќта во четвртокот во три населби на градот Ремс била спроведена антитаерористичка операција, каде што биле локализирани осомничените. Се појавија информации, исто така, дека осомничените се уапсени, но француското министерство за внатрешни работи ги негираше ваквите извештаи. По речиси два часа по почетокот на операцијата, телевизијата iTele објави дека се пријавил еден од бараните за нападот. Наскоро офицерите на специјалните полициски сили го ослободиле ова лица.
Значително влијание врз текот на операцијата, според полицијата, имаат медиумите и социјалните мрежи, од каде што осомничените добиваат информации за дејствата што ги преземаат органите за спроведување на законот.
Објавено е во четвртокот, исто така, дека полицијата наводно на осомничените им поставила ултиматум да ја напуштат зградата, или ќе отвори оган врз нив. Ремс се наоѓа 150 километри од Париз, кон границата со Белгија.
Во средата претпладнето тројца вооружени напаѓачи провалија во зградата во центарот на Париз во којашто се наоѓа редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo кој и во минатото беше цел на напади и закани од исламисти поради објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед. Во нападот загинаа 12 луѓе, од кои четворица се уметници кои работеле како илустратори во списанието, двајца полицајци и соработник на радиото France Inter. Уште 11 лица се ранети во нападот.
Напаѓачите од местото на злосторството побегнале со автомобил „рено клио“ коешто го одземале од случајни минувачи. Претходно во четвртокот анонимен извор близок до истрагата за AFP изјави дека шеф на бензинска црпка во близина на општината Вилер-Котере „официјално препознал двајца мажи осомничени за учество во нападот врз редакцијата на Charlie Hebdo“ и додаде дека „двајцата носат маски и изгледа дека имаат ’калашникови’ и рачни ракетни фрлачи“.
Инаку претходно во четвртокот францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казанев, рече „седум лица“ одговарајќи на прашањето на радиото Europe 1 за бројот на лицата коишто во моментов се приведени./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.