Европа
ОБСЕ: 12 административни згради окупирани од демонстранти во Киев
Обвинителството на украинската престолнина Киев предало на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) список со 12 административни објекти кои сé уште се окупирани од демонстранти, објави во средата ОБСЕ.
За време на протестите на тогашната прозападна опозиција од ланскиот ноември откако соборениот украински претседател Виктор Јанукович одлучи да го суспендира потпишувањето на Спогодбата за придружување и слободна трговија со Европската унија правдајќи се со лошата економска состојба на земјата, демонстрантите од Мајдан (киевскиот Плоштад на независноста) и нивните вооружени групи заземаа голем број административни згради во земјата а особено во главниот град Киев. Тие, според Женевската декларација за Украина која ја потпишаа претставници на Украина, Русија, САД и ЕУ, требаа да бидат ослободени, како и административните згради во југоисточните региони на земјата кои во март годинава ги зазедоа ткн народни милиции за самоодбрана на проруското население кое не ги признава новите прозападни власти во Киев.
Во Киев некои згради, вклучително и на администрацијата на градоначалникот на престолнината, од неодамна се испразнети од приврзаниците на Мајдан.
„Градското обвинителство на Киев и’ достави на Специјалната набљудувачка мисија список со административни згради коишто сé уште се заземени (дванаесет објекти)“, се наведува во скратената верзија од извештајот на ад хок мониторинг мисијата на ОБСЕ за состојбата до 18 часот по локално време во вторникот, објавен во средата.
Набљудувачите наведуваат и дека исто така биле присутни за време на расчистување на барикадите на една од улиците во центарот на Киев. „Гумите и тулите се отстранети, само смет има во близина на барикадите“, се наведува во извештајот.
По средбата со заменикот на Врховната Рада (украинскиот парламент), Антон Кисе, кој ја предводи ад хок парламентарната комисија за истрага на трагедијата во пристанишниот град Одеса кога на 2-ри мај во судирите меѓу приврзаниците на прозападните власти и проруските демонстранти загинаа 46 проруски активисти, набљудувачите на ОБСЕ известуваат дека според Кисе, извештајот на комисијата ќе биде поднесена пред парламентот до почетокот на септември.
Спикерот на Врховниот совет на самопрогласената проруска Народна република Луганск им изјавил на меѓународните набљудувачи дека се подготвени за размена на припадниците на украински сили кои се ранети во борбите за аеродромот во Луганск, за борците на проруските милиции коишто се заточени во радиотелевизиска кула во Александровск источно од Луганск, „според принципот еден за еден“, се наведува уште во извештајот на ОБСЕ.
Во местото Чернивци набљудувачите се сретнале со директорот на најголемата фабрика во регионот во којашто работат илјада луѓе и претставува „важен фактор за социјално-економската стабилноста во регионот“. Според директорот, од започнувањето на оружените судири производството опаднало за 50 отсто, платите биле намалени за 20 проценети, што се смета за директна последица од конфликтот во источниот дел на Украина, се истакнува уште во извештајот на ОБСЕ. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.