Европа
Орбан бара расправа во ЕУ за имигрантите во кои гледа закана за демократијата
Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара од европските челници да ја променат својата миграциска политика и да ги одвратат имигрантите од доаѓањата во Европа, бидејќи во спротивно ќе се соочат со политичка криза и закани за демократскиот поредок.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој подоцна во четвртокот ќе се обрати на конгресот на Европската народна партија (EPP) во Мадрид, изјави во средата вечерта за телевизијата M1, дека европските челници немаат мандат да пуштаат стотици илјади бегалци во Европската унија, со малку или воопшто без контрола.
Целта на унгарските огради на границите, особено на јужната кон Србија, е да ги одврати имигрантите од Европа, а не да бидат пуштани до Германија по други рути, вели Обран додавајќи дека ги повикал балканските соседи да ги одвраќаат бегалците.
„Ова ја дестабилизира европската демократија. Мораме да почнеме со дебата за иднината на нашиот континент, искрено без замолчувања поради ‘политичка коректност’, без претерувања, говорејќи отворено“, истакна Орбан.
„Мораме да ги слушаме луѓето и да ги вклучиме нивните погледи во својата политика. Доколку не успееме да го сториме тоа, ќе имаме политичка криза во текот на кулминацијата на мигрантската криза“, порача унгарскиот премиер.
Орбан истакна дека е исправно да не се дозволува преминување до Европската унија, туку луѓето да бидат вратени во бегалските кампови од коишто ги започнуваат своите патешествија, бидејќи „колку повеќе се оддалечат од своите проблематични земји, толку потешко ќе биде да бидат вратени“. Поради тоа, заклучува Орабан, тие луѓе „мора да останат во својот региони“ каде што за нив „мора да се создадат човечки услови“.
Во врска со оградата подигната кон Хрватска, исто така членка на ЕУ, Орбан вели дека таа е подигната за да се „заштити нашиот начин на живот и за тоа постои силен консензус во Унгарија“. „За тоа и треба да служат границите“, додаде унгарскиот премиер./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.