Европа
Орбан смета дека Европа треба да ги следи безбедносните предлози на Трамп
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во саботата дека кандидатот за претседател на американските републиканци Доналд Трамп предложил безбедносна политика која Европа би требало да ја следи за да ја надмине безбедносната криза за која тој ја обвинува неконтролираната имиграција.
Говорејќи на летниот универзитет во Баије Туснад во Романија, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги доведе во поврзаност безбедносните закани со зголемената неконтролирана имиграција во Европа и ги цитираше предлозите на Доналд Трамп за соочување со тероризмот, кои ги искажа на републиканската национална конвенција.
Орбан се смета за еден од најдиректните европски политичари и во минатото со своите изјави и политики ги вознемируваше повеќето членки на Европската унија, забележува Reuters за унгарскиот премиер кој неодамна се заложи за потврд став во европската мирантска криза, спротиставувајќи се на плановите на Брисел за разместување на мигрантите според квоти и повикувајќи на подигнување огради од бодликава жицана јужните граници на својата земја.
Трамп во четвртокот прифаќајќи ја републиканската номинација за претседател одржа говор во кој истакна дека е потребно да се зајакнат разузнавачките напори, да се прекине со политиката на промена на властите во други земји и целосно да се укине имиграцијата од земји кои се компромитирани со тероризам. Во повеќе наврати претходно истакнуваше дека сака да изгради ѕид по границата меѓу САД и Мексико, за да ги спречи илегалните доселеници кои им ги „краделе“ работните места на Американците.
Во телевизискиот настап, Виктор Орбан рече дека „Не сум поборник на кампањата на Доналд Трамп. Ниту претпоставував дека некогаш ќе ја поддржувам мислата дека од поотворените опции тој (Трамп) ќе биде подобра опција за Европа и за Унгарија“.
„Меѓутоа, го слушав и морам да ви кажам дека изнесе три предлога за борба против тероризмот. Како Европеец тешко можам подобро да артикулирам што ѝ е потребно на Европа“, рече Орбан.
Притоа ја обвини ЕУ за слабост во соочувањето со она што тој го смета за главна закана, односно трите милиона имигранти кои стигнале во Европа минатата 2015 година, заедно со стоиците илјади кои дошле досега годинава.
Зборувајќи за предлогот на Трамп за создавање „најдобра разузнавачка организација на светот’, Орбан рече дека и Европа мора да создаде мрежа од национални разузнавачки агенции во тој ранг.
„Втората работа којашто ја кажа американскиот претседателски кандидат, е да се напушти политиката на извоз на демократијата. Ниту самиот тоа не би умеел попрецизно да го кажам“, рече унгарскиот премиер.
Орбан во тој контекст рече дека западните земји постапувале лесномислено кога ги отстранувале недемократските но стабилни режими во Либија, Сирија, Ирак и Египет, а притоа да не ја гарантираат стабилноста, по што ја изложија Европа на масовен прилив на имигранти, меѓу кои и стотици потенцијални терористи.
Според него, сториле уште полошо, наместо да ги поддржат режимите кои се обидуваат да ги контролираат земјите зафатени со војни во северна Африка и на Блискиот исток, Европа ги критикуваше поради недостиг од демократија.
„Доколку продолжиме да ѝ даваме предноста на демократијата пред стабилноста во регионите каде што не е веројатно дека со тоа ќе успееме, ќе создадеме нестабилност, а не демократија“, порача Орбан./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.