Европа
Осборн: Потребно е воведување нови санкции за Русија
Британскиот министер за финансии, Џорџ Осборн, истакнал дека потребно е воведување на нови санкции за Русија, и дека никој не треба да се сомнева во одлучноста на Британија да ги казни одговорните за несреќата.
„Мислам дека голема е веројатноста дека ќе биде потребно воведување нови санкции за Русија, а функционерите од европските земји вклучувајќи ја и Британија наскоро треба да се состанат за да разговараат за овој предлог“, истакнал Осборн, пренесува Reuteurs.
Тој додал дека „клучот за пристап до местото на несреќата“ на истокот во Украина е во рацете на Русија, каде контролата ја имаат проруските бунтовници.
„Русија, секако, го контролира пристапот во тој дел од Украина и мислам дека тоа е јавна тајна“, нагласил Осборн за време на гостувањето во емисијата „Добро утро, Британија“ што се емитува на телевизискиот канал ITV.
„Луѓето кои гледаат од дома и се прашуваат зошто е ова важно им порачувам дека ова е важно за нашата безбедност и за нашата економија. Ние мора да живееме во светот во кој меѓународните граници се почитуваат и каде патничките авиони не се изложени на ризик да бидат соборени“, рекол британскиот Министер за финансии.
Осборн додал дека „со спроведувањето на санкциите, секогаш постои можност таквиот чекор лошо да влијае и врз нашата економија, но мора да ја разгледате и можноста дека доколку не делувате економските последици ќе бидат многу поголеми.
Авионот „Боинг – 777“ на компанијата „Малезија ерлајнс“, на летот Амстердам – Куала Лумпур се урна на 17 јули на истокот од Украина, во регионот Донецк, на 60 километри од руската граница, односно во зоната на судирите меѓу проруските сили и украинската војска.
Во несреќата загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, државјани на 10 земји, меѓу кои 192 Холанѓани и 10 Британци.
Новиот шеф на дипломатијата на Британија, Филип Хамонд, во неделата изјави дека Британија во вторник на заседанието на Советот на ЕУ за надворешни работи ќе настојува да ги убеди и другите европски земји да воведат нови санкции за Русија поради рушењето на малезискиот авион.
„Ќе настојуваме да ги убедиме нашите европски партнери да се согласат да продолжат понатаму со санкциите доколку Русија до вторник радикално не го промени својот став“, рекол британскиот министер за надворешни работи во изјава за BBC.
И британскиот премиер, Дејвид Камерон, претходно најави можност за воведување нови санкции на ЕУ за Русија поради падот на малезискиот патнички авион.
Тој оценил дека Западот мора да го промени својот пристап од корен, доколку Москва и понатаму остане на својот курс во Украина.
„Русија може да го искористи овој момент да пронајде излез од оваа страшна и опасна криза. Се надевам дека тоа и ќе го направи. Но, доколку не го стори тоа, мора да испратиме силен одговор“, истакнал Камерон, пренесува весникот „Sunday Times“./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.