Европа
Париз и Берлин ги повикуваат Киев и Москва на „вистински напредок“ во преговорите
Париз и Берлин очекуваат од Киев и Москва „вистински напредок“ во решавањето на судирот во одметнатиот рускојазичен исток на Украина, со „консолидација“ на примирјето и политички придвижувања, изјави во четвртокот навечер во француската престолнина шефот на германската дипломатија.
„Се среќаваме во критичната фаза од спроведувањето на договорот од Минск. Јасно е дека ќе кажеме дека мина времето на празните изјави. Мораме да постигнеме вистински напредок, прво во консолидирањето на примирјето, а потоа и во продолжувањето на политичкиот процес“, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамер пред почетокот на средбата со францускиот колега и домаќин Жан-Марк Ејро, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и украинскиот Павел Климкин.
Германија и Франција очекуваат од Киев и Москва „двете страни да ја преземат одговорноста“, истакна Штајнамер, „Мораме да оствариме вистински напредок“, додаде, пренесе AFP.
Договорот од Минск беше потпишан во февруари 2015 година по иницијатива на Париз и со француско-германското посредување и присуство на Русија, и со него се предвидува прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување од линијата на контактот, низа економски и социјални мерки, како и уставни реформи со коишто на одметнатите рускојазични региони Донецк и Луганск ќе им се признае специјален статус. Меѓутоа, покрај значителното намалување на бројот на прекршувања на примирјето, остварувањето на другите вкупно 12 точки од договорот е на мртва точка.
Во текот на посетата на Киев на 22-ри и –ти февруари, францускиот и германскиот министер за надворешни работи ги повикаа украинските власти да ги продолжат политичките реформи, а во прв ред што поскоро да ги донесат изборниот законик кој ќе овозможи организирање локални избори во источните региони,
Меѓутоа, Киев настојува на наводен целосен прекин на огнот како услов за организирање на тие избори, со што според коментаторите го избегнува прашањето на длабоката политичка криза во односите меѓу факторите во новите прозападни власти.
Командантот на силите на НАТО во Европа, американскиот генерал Филип Бридлав, последните денови изрази загриженост поради кршењето на примирјето во источна Украина. Борбите на силите лојални на Киев и рускојазичните милиции значително се намалени по воспоставувањето на новото примирје во септември 2015 година, но двете страни меѓусебно се обвинуваат за споредични прекршувања, а особено голем проблем претставуваат од двете страни поставените мини во воената зона кои и натаму сеат смрт./крaј/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.