Европа
Парижаните ги повикуваат Грците да заокружат ‘не’, Ципрас ќе ги отвори банките по постигнување договор
Неколку илјади демонстранти во француската престолнина Париз во четвртокот ги повикаа грчките гласачи да ги отфрлат мерките за штедење кои ги бараат доверителите, повикувајќи ги да заокружат „не“ на референдумот, кој ќе се одржи во недела, а истовремено грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека следната седмица ќе биде постигнат договорот со кредиторите, по што ќе започнат да работат банките во земјата.
Протестите во Париз ги организираа левичарските бунтовници од владејачката француска Социјалистичка партија, на претседателот ФрансоаОланд, и се противат на она за што се залага француската влада, која смета дека заокружувањето на „не“ на грчкиот референдум на 5-ти јули би претставувало опасен чекор кон можното излегување на Грција од еврозоната, пренесува AFP.
Полицијата прецени дека на Плоштадот Бастија, традиционалното место за протесни собири, во четвртокот се собрале околу три илјади демонстранти. На транспарентите кои беа истакнати во Париз пишуваше „Доста е од острите мерки за штедење“ и „Солидарност со грчкиот народ, отпишување на долгот“.
Меѓутоа, истражувањето на јавното мнение коешто го спровела групата Harris Interactive,покажува дека две третини испитаници анкетирани во Франција сакат европските земји да престанат да ѝ позајмуваат пари на Грција, а 53 отсто од нив веруваат дека Атина нема да врати ниеден од своите долгови. Само 4 проценти од анкетираните веруваат дека Грција ќе го врати целиот долг, кој според некои процени изнесува во моментов вкупно и до 300 милијарди евра.
Францускиот министер за финансии, Мишел Сапен, изјави дека грчкото гласање „за“ ќе го овозможи дијалогот со Атина за можно продолжување на преговорите.
Истовремено во четвртокот вечерта грчкиот премиер Алексис Ципрас, беше уверен дека во текот на следната седмица, по референдумот, ќе биде постигнат договор со кредиторите, и потоа банките ќе бидат отворени. Банките во Грција беа затворени по распишувањето на референдумот поради надзор на движењето на капиталот, а истовремено беше лимитирано и дневното вадење пари во готовина од банкоматите, поради тоа што неизвесноста предизвика масовно повлекување на парите, изразени во милијарди евра.
„Ние ќе постигнеме договор во рок од 48 часа по референдумот. Банките ќе бидат отворени која ќе има договор“, изјави Ципрас во интервјуто за телевизијата ANT1.
Грчкиот премиер истакна дека е подготвен за компромис. „Јас си подготвен да направам отстапки, доволни за да биде постигнато прифатливо решение. Доколку договорот не ги осигури потребите за финансирање и во него нема да ги има, тогаш долгот нема да биде неприфатлив и нема да се согласиме со него. Дојдовме до крајот на преговорите, и нив ќе ги зацврсти грчкиот народ“, рече Ципрас.
Тој е убеден дека „’не’ на ултиматумите“ на кредиторите на референдумот ќе даде повеќе шанси да биде постигнат поволен договор.
„Доколку триумфира ‘да’, ќе имаме неодржлив договор. Ќе го уважам кој и да е резултат и ќе ги започнам неопходните процеси“, додаде Ципрас. Додаде дека Грција нема цел да излезе од еврото, и не може да се направи споредба со ситуацијата во Кипар. „Она што ние го правиме, тоа е мала револуција“, истакна Ципрас./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.