Европа
Партијата на италијанскиот премиер Ренци пред распаѓање
Демократската партија (PD) на италијанскиот премиер Матео Ренци во понеделникот беше на работ да се распадне, откако мнозинството и малцинството на состанокот на раководството ја потврдија својата тврдокорна спротиставеност околу уставните реформи за коишто ќе биде спроведен референдум кој се смета за пресуден за иднината на Ренци како претседател на владата.
Споменатата реформа, којашто би требало да донесе поголема политичка стабилност на Италија којашто од 1946 година имала над 60 влади, треба да биде одобрена на референдум на 4-ти декември на кој премиерот Матео Ренци ја гради својата политичка иднина.
И уште повеќе, бидејќи Демократската партија (PD, од левиот центар) со месеци наназад е поделена на мнозинство и помала фракција која оценува дека таа реформа и изборниот законик којшто ја проследува, се опасни за демократијата во земјата.
Уставната реформа којашто италијанскиот парламент ја одобри во април, расправите ги става вон сила од горниот дом на парламентот како избрана институција, и му оневозможува соборување на владата преку гласање за недоверба.
За да го придобие малцинството во својата партија, Ренци во понеделникот предложи комисијата на PD, во којашто ќе има барем еден претставник на оние кои се во малцинство, да предложи друг изборен законик, но дури по референдумот од 4-ти декември.
Еден од челниците на таа малцинска група, Џани Куперло, предупреди дека на 4-ти декември ќе гласа против реформите, доколку изборниот законик до тогаш не биде дополнет, како и дека веднаш потоа ќе го врати својот пратенички мандат. Како и другите „бунтовници“, не сакал да зборува за расцепот во партијата, но таа закана е постојано присутна, забележуваат италијанските медиуми.
„Доколку победиш (на референдумот), ќе одиш по урнатини“, го предупредил Куперло премиерот Ренци, обвинувајќи го дека е одговорен за поделбите во партијата на мнозинство и малцинство коешто е свртено повеќе налево.
Ренци, пак, оценува дека зад себе има мнозинство и дека расправата за референдумот е само „изговор“ на кој малцинството се повикува за да го смени од позициите и во владата и во партијата.
Предлогот на Ренци во понеделникот вечерта е едногласно прифатен, но без учество на претставниците на малцинската струја во Демократската партија.
Испитувањата на јавното мнение во Италија мала предност им даваат на противниците на реформите. Сите опозициски партии на референдумот ќе се изјаснат против уставните реформи. Партнерите на Италија во Европската унија, пак., го очекуваат исходот од плебисцитот со одредена загриженост./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.