Европа
Партијата на Меркел поразена од десничарите во нејзината изборна едница
На изборите за локалниот парламент на германската сојузна покраина Мекленбург – Западно Поморје, во неделата владејачката Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларата Ангела Меркел доживеа голем пораз од десничарската евроскептична и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), што се доживува во Германија како пораз на политиките на Меркел кон мигрантската криза а и самата потекнува токму од оваа сојузна покраина.
Според излезните анкети на јавните сервиси ARD и ZDF, Алтернатива за Германија (AfD) со 21 отсто од гласовите стана втората по ред најсилна партија во Мекленбург – Западно Поморје. Веднаш зад AfD се наоѓа Христијанско-демократска унија (CDU) со 19 отсто, што е за 3,7 отсто послаб резултат од последните избори за овој локален парламент пред пет години.
Најмногу гласови, 30,3 отсто, освоила коалицискиот партнер во ткн голема коалиција на сојузно ниво Социјалдемократската партија на Германија (SPD), така што и покрај големата загуба во споредба со минатите локални избори до 5,3 отсто, двете партии SPD и CDU, сепак ќе можат да ја продолжат досегашната коалиција меѓу социјалдемократите и демохристијаните.
На четвртото место е партијата Левица со 12 отсто од гласовите, додека партијата Зелени со 5 отсто се наоѓа на работ од изборниот праг. Двете партии во споредба со последните покраинските избори, исто така, доживеале големи загуби во гласовите.
„Ова е многу добар резултат, многу сум задоволен но морам да кажам дека истовремено сме и многу загрижени поради успехот на AfD“, изјави покраинскиот премиер на Мекленбург – Западно Поморје, Ервин Зелеринг од SPD, по објавување на резултатите од излезните анкети.
Генералниот секретар на CDU, Петер Таубер, по поразот во Мекленбург – Западно Поморје појасни дека партијата паднала на третото место и покрај добрите резултати на покраинската влада, но сепак призна дека во крајна линија најголема улога на овие избори одиграла расправата околу бегалците, имигрантите, односно барателите на азил кои во текот на минатата 2015 година со повеќе од милион ја преплавија Германија.
Главниот кандидат на AfD во оваа сојузна покраина, Леиф-Ерик Холм оцени дека станува збор за историски успех на неговата партија. „Ние денеска ја испишуваме историјата на Мекленбург – Западно Поморје. Можеби ова е почетокот на крајот на Ангела Меркел“, порача Холм.
Германската канцеларка Ангела Меркел, којашто во неделата се наоѓа на самитот на Г20 во Кина, во саботата присуствуваше на еден предизборен собир на својата партија CDU за да ги поттикне гласачите. Изборната единица на Ангела Меркел на сојузните избори се наоѓа токму во оваа североисточна сојузна покраина.
Коментаторите неуспехот на CDU во Мекленбург – Западно Поморје го доживуваат како директна казна за бегалските политики на канцеларката Меркел, особено на истокот од земјата, каде што нема многу приврзаници.
Успехот на AfD, на која по освоените 24 отсто од гласовите на изборите во Горна Саксонија во март годинава ѝ е вториот по ред најдобар резултат на некои избори за покраински парламент, за аналитичарите претставува јасен сигнал за моќта на AfD којашто може да смета на сигурно влегување во Бундестагот на изборите коишто ќе се одржат следната година. Челникот на AfD во сојузната покраина Туеринген, Бјоерн Хоке, најави дека резултатот на партијата во Мекленбург – Западно Поморје од 21 отсто е „цел за парламентарните избори за една година“.
Аналитичарите на јавниот сервис ARD проценуваат дека најголемата поддршка за AfD дошла од гласачите кои пред пет години воопшто не излегле на гласањето. Од тоа се заклучува дека темата на бегалската криза и имигрантите би можела и на сојузните избори по една година да ги мобилизира граѓаните да излезат на избирачките места.
Исто така, се очекува дека CDU ќе се обиде уште повеќе да ги ублажи последиците од политиката на отворени врати за имигрантите на Ангела Меркел, којашто и во рамките на коалицијата со сестринската баварска Христијанско-социјална унија (CSU) има многу и жестоки критичари.
Поради падот на популарноста, Ангела Меркел засега одбива да се изјасни дали на следните избори ќе се кандидира како канцелара. Се очекува дека тоа ќе го стори по партискиот конгрес на CDU кон крајот на годинава, кога би требало повторно да се кандидира за двегодишен мандат за претседателка на партијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.