Европа
Патниците викале ‘Боже мој’ пред падот на 4U9525
Патниците од „Airbus A320“ на германската компанија „Germanwings“ кој на 24-ти март се урна во француските Алпи, биле целосно свесни дека авионот ќе падне и викале „Боже мој“ непосредно пред ударот во земјата, според видео снимката која можеле да ја видат новинарите на францускиот весник Paris Match и германскиот Bild, но француската жандармерија во средата тоа го смета за „целосно невистинито“.
Според пишувањето на весниците, Bild сличен текст објави во вторникот навечер на своето интернет издание, на снимката било видливо во каква панична и очајна состојба се патниците во авионот на летото 4U9525 од Барселона за Диселдорф. На снимката на различни јазици се слушаат лелекања и плач на патниците. Француски Paris Match, на своето онлајн издание, исто така, пишува дека „се слушаат извици ‘Боже мој’ на неколку јазици“. Овој неделник тврди дека „нема никакви сомневања“ во потеклото на снимката и оти станува збор за мобилен телефон.
Квалитетот на снимката неопходно е да се подобри, сцените се хаотични и нејасни, невозможно е да се идентификуваат лицата според тие кадри, пишува германскиот весник повикувајќи се на истрагата. Bild, исто така, истакна дека автентичноста на снимениот материјал не се доведува во прашање.
„Призорот е толку хаотичен што никој не може да се распознае, но криците на патниците откриваат дека биле потполно свесни за она што ќе се случи. Според крајот на снимката, по силен тресок, повиците стануваат сé погласни. Потоа веќе ништо не се слуша“, се истакнува во написот на Paris Match.
На истата снимка „се слушаат исто така најмалку трипати метални удари кои упатуваат дека пилотот се обидува да ја отвори пилотската кабина со помош на тежок предмет“, додава Paris Match, што се совпаѓа со претходни тврдења дека податоците од „црната кутија“ укажуваат на тоа дека капетанот на летот со секира до последната секунда се обидувал да ја скрши вратата на кокпитот викајќи ја „Отвори ја проклетата врата“.
Овие тврдења „целосно се невистинити“, реагираше полицискиот офицер Жан-Марк Менишени од француската жандармерија на прашање на американската телевизија CNN. Нагласи дека мобилните телефони собрани од местото на падот „сé уште не се прегледани“ од страна на иследниците.
Мобилните треба да бидат испратени на анализа во Институтот за истражување на криминалот на Националната жандармеријата во Росни-су-Буа, во близина на Париз, истакна Меншени.
Обвинителот на францускиот град Марсеј, Бри Робен, на барањето на германските медиуми одговори во вторникот дека не знае ништо во врска со споменатиот пронајден видео материјал. Според него, биле пронајдени неколку мобилни телефони во многу лоша состојба. Со нив во моментов „работат иследниците“, го цитираше агенцијата DPA./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.