Европа
Полјаците повторно протестираа против абортусот
Неколку илјади луѓе излегоа во саботата на улиците на полската престолнина Варшава на протест против ограничувањето на правото на абортус.
Здруженијата за правата на жените го организираа саботниот протест како одговор на предлог законот за целосна забрана на абортусот во Полска, за што наскоро треба да се одржи парламентарна расправа.
Премиерката Беата Шидло и челникот на нејзината владејачка партија Право и справедливост (PiS), Јарослав Качински ја поддржуваат забраната за абортусот во земјата која е мнозински католичка.
Демонстрантите, меѓу кои биле млади луѓе и семејства со деца, како што пренесуваат агенциите, бараат либерализација на сегашниот закон за да се заштитат трудниците кои ги ризикуваат животите поради нелегалните абортуси. Меѓу транспарентите најчест бил со натписот „Мое тело. Моја одлука“.
„Тука сме и во името на жените од помалите градови и од селата, жените кои немаат пари за безбеден абортус во Германија или други земји“, изјавила портпаролката на едно женско здружение за Reuters. Истакнала дека недостигот од едукација за сексуалниот живот и пристапот до контрацепција се некои од главните причини за несаканата бременост меѓу малолетничките.
Се проценува дека годишно околу 100.000 Полјачки прават абортус во странство., во 2015 година во Полска се регистрирани помалку од илјада легални абортуси.
Расправата околу ова контроверзно прашање се води во Полска веќе со месеци. Конзервативната партија Право и справедливост (PiS), која дојдена власт со убедливата победа ланскиот октомври, планира да го заостри законот за да го усогласи со учењето на Католичката црква, што предизвикува гнев кај либералите и активистите за правата на жените.
Полскиот закон сега дозволува прекин на бременоста само во раната фаза и кога го загрозува животот или здравјето на мајката, потоа во случај кога детето веројатно би било хендикепирано или кога бременоста е последица од кривично дело, силување или инцест. Полските бискупи бараат законот од 1993 година да биде построг и абортусот да биде дозволен единствено кога животот на мајката е загрозен.
Лидерот на PiS, Јарослав Качински пред една десетина дена изјави дека како католик мора да го послуша повикот на бискупите. Иако нема да ја присилува партијата да гласа за забраната, рече оти „верува дека големо мнозинство од пратениците или можеби сите ќе го поддржат предлогот“.
Од PiS, исто така, планираат да го укинат државното финансирање на вештачкото оплодување и повторно да ја воведат обврската да се поседуваат рецепти за контрацептивните средства./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.