Европа
Полска очекува официјално извинување од САД за изјавата на шефот на FBI за холокаустот
– Фотографија од нацистичкиот концентрационен логор Дахау
Полското министерство за надворешни работи сé уште очекува американската администрација официјално да се извини за истапот на директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, кој ги доведе во поврзаност Полјаците со нацистичкиот холокауст во Втората светска војна, изјави во понеделникот во Лихтенштајн, шефот на полското министерство Гжегож Схетина.
Полското министерство за надворешни работи сé уште очекува американската администрација официјално да се извини за истапот на директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, кој ги доведе во поврзаност Полјаците со нацистичкиот холокауст во Втората светска војна, изјави во понеделникот во Лихтенштајн, шефот на полското министерство Гжегож Схетина.
„Очекуваме дека денеска овој случај ќе биде затворен на ниво на Вашингтон. Сметаме дека е потребно решение и јасен сигнал дека ќе биде затворено тоа прашање, и извинување за грдите зборови“, рече Схетина.
Варшава беше разгневена од изјавата на шефот на FBI, Џејмс Коми, кој на 15-ти мај при посетата на музејот на холокаустот во Вашингтон, а потоа во текст објавен и во весникот The Washington Post, префрли дел од трагедијата врз Полска, а исто така ги израмни Полјаците и Унгарците со нацистите во Втората светска војна. Според Коми, холокаустот покажал дека луѓето се способни да се откажат од личната етика и можат да се убедат себеси во правото за подлегнување на моќта на мнозинството.
„Во своите умови убијците, и нивните помагачи во Германија, Полска и Унгарија, и на уште многу други места, сметале дека не сториле ништо лошо. Се убедиле дека постапуваат правилно, дека тоа мора да го сторат“, наведе Коми.
Полската амбасада во САД писмено се обрати до челникот на FBI во кој истапот на Коми го нарече „неприфатлив“ и оти „со нетрпение очекува демант“.
Претходно во неделата, американскиот амбасадор во Варшава, Стивен Мал, беше повикан во полското министерство за надворешни работи да ги објасни зборовите на Коми при што му беше врачена протесна нота. Амбасадорот потоа за медиумите изјави дека „ставот оти Полска на кој и да е начин е одговорна за холокаустот, не е став на САД. Секое сугерирање дека Полска, или која и да е друга земја освен нацистичка Германија, е одговорна за холокаустот, е погрешно, штетно и навредливо“ и оти Коми сакал да каже дека „во светот има многу луѓе кои им помогнале на нацистичките злосторници или не реагирале доволно“. Додаде и дека му претстои многу работа „да ја поправи сложената ситуација“.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски претходно изјави дека зборовите на шефот на FBI покажуваат „недостиг од историско познавање“ и се „навредливи за илјадниците Полјаци коишто им помагаа на Евреите“.
Американскиот претседател Барак Обама во 2012 година, исто така, го предизвика гневот на Полјаците кога нацистичките концентрациони логори ги нарече „полски логори на смртта“, потсетуваат медиумите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.