Европа
Пропадна италијанскиот референдум против офшор платформите
Италијанскиот референдум чија цел беше да се запрат офшор платформите на индустријата на нафта и гас во непосредна близина на брегот одржан во неделата, пропадна поради недоволниот одѕив на гласачите, покажаа првите официјални резултати.
Резултатот претставува олеснување за премиерот на левоцентристичката влада Матео Ренци, кој ги повика гласачите да не излегуваат на референдумот, оценувајќи дека е непотребен и е штетен за италијанската економија.
Излезноста на гласањето кое траеше од 7 часот до 23 часот изнесувала околу 32 отсто, според прелиминарните резултати коишто ги објави Министерството за внатрешни работи, а тоа е значително помалку од 50 проценти плус еден глас потребни за референдумот да биде валиден.
Многу коментатори претходно оценија дека формулацијата на референдумското прашање коешто го наметнува изгласувањето на „да“ доколку гласачот е против, би можело да ги збуни многумина кои ќе искочат на избирачките места.
Референдумското прашање беше дали треба владата да го запре издавањето дозволи за офшор дупчењата, односно истражувањата на наоѓалишта на нафта и гас во морето во подрачјето до 22 километри од брегот.
Веќе со седмици трае расправаа меѓу заштитниците на природната околина, деловниот свет и владата, околу прашањето колку време нафтените компании може да црпат нафта и гас од морето, на крајбрежните платформи, на црпките сместени на помалку од 12 наутички милји, односно 22 километри, од италијанските плажи.
Неуспехот на референдумот сега треба да им овозможи на нафтените компании, во прв ред на италијанската енергетска компанија Eni да ги користи наоѓалиштата до нивното целосно исцрпување, како што предвидува новиот закон кој стапи на сила во јануари годинава.
Доколку победеше изјаснувањето со „да“, пак, тоа ќе значеше укинување на законот и враќање на ограничената експлоатација во траење предвидено со концесијата која истекува, зависно од локацијата, меѓу 2018 и 2034 година./крај/мф/сн
Извор: Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.